Повеќе службеници од Одделот за странци во Управните служби на МВР се опфатени со истрагата за злоупотреби и издавање на документи за регулиран престој во Македонија на странски државјани. Противзаконските „услуги“ биле вршени во канцелариите на Управните служби во МВР, каде утрово се приведени повеќе лица- вработени во полициските служби.
Според првичните информации, осомничените издавале уверенија и документи за престој без да се извршат законски предвидените проверки, а за тоа добивале мито од по стотина евра. Странците може да останат во Македонија не повеќе од 3 месеци односно 90 денови и доколку го пречекорат тој период, тие се протеруваат од државата.
Но, со документ за легален престој, странците може да остануваат во Македонија подолг период, легално и да ги вршат активностите за кои го добиле документот за престој (студирање, работа и други законски регулирани активности). За да ги избегнат закоснките процедури била формирана шемата за издавање лажни документи кои биле издавани за соодветна цена.
Од полицијата потврдија дека акцијата е во тек и се извршени претреси на повеќе локации низ Македонија.
-Денеска (22.05.2025) од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапено е по претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд Скопје за докажување на кривични дела „злоупотреба на службена положба“, „примање поткуп и противзаконито посредување“. На подрачје на Скопје и Штип извршени се претреси на осум локации во домови, возила и во службени простории во Регионалниот центар за гранични работи Север, при што се пронајдени и одземени документација, мобилни телефони, една воздушна пушка без дозвола идр. По завршување на акцијата, јавноста ќе биде соодветно известена, одговорија од МВР.