Поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов кој даде оставка по пожарот во дискотеката „Пулс“ оди во куќен притвор, заедно со уште тројца осомничени за кои обвинителството барало замена на мерката. Освен Папазов, од зад решетки, во куќен притвор оди и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, еден инспектор оттаму и член на обезбедувањето.
И претходниците на Папазов на функцијата, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев се во домашен притвор. На поранешниот министер за економија Крешник Бектеши му е продолжен притворот за уште 30 дена.
Додека другите екс министри за економија кои подоцна беа осомничени откако се прошири истрагата Ваљон Сарачини и Беким Незири, се во куќен притвор, а за Дритон Кучи имаше мерки за претпазливост. Во меѓувреме судот во Кочани ги разгледува и жалбите на 12 осомничени.
Од обвинителството денеска демантираа дека обвинител се повлекол од истрагата за Кочани.
„Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласување со правната квалификација. Обвинителскиот тим постапува целосно синхронизирано и непрекинато презема дејствија“, велат од Јавното обвинителство.
Од ДУИ претходно соопштија дека еден јавен обвинител, кој бил дел од предметот, се повлекол, поради несогласувања околу квалификацијата на делото и особено поради политички притисоци од страна на партии во Владата.
Кочанското обвинителство на 12 април ја прошири истрагата за пожарот на нови 19 лица. Сите се осомничени за тешки дела против општата сигурност. До овој момент вкупно за случајот се осомничени 45 физички и три правни лица. Во пожарот загина 61 лице, меѓу кои шест деца, а повредени беа 197 лица од кои 25 деца.
Марија Митевска