Денеска стартува 5.коло во кошаркарската АБА2, а најтрофејниот македонски клуб Работнички има гостување кај Сутјеска. Регионалното натпреварување сезонава е во втор план за „центарци“ кои се соочуваат со големи финансиски проблеми во клубот. На вечерашниот натпревар нема да настапат Стојан Ѓуроски и Имран Полутак.
Работнички е последен на табелата во рамки на Групата А во АБА2-лигата со четири порази од исто толку натпревари. Јасно е дека и денеска тимот од „Градски парк“ оди со бело знаме кај Сутјеска. И на првата меѓусебна средба во Скопје славеше црногорскиот тим и тоа со 58-71.
Изминатиот викенд Работнички оствари важна победа во домашното првенство во дербито против Пелистер, но АБА2-лигата останува во втор план сезонава за македонскиот тим со оглед на проблемите кои ги има во клубот. Натпреварот помеѓу Сутјеска и Работнички започнува вечерва од 20 часот.
Преостанатите македонски тимови во АБА2 утре ги играат своите натпревари од 5.коло. Пелистер од 18 часот му гостува на Широки Брег во рамки на групата Ц, додека МЗТ Скопје во групата А исто така игра на паркетот на противникот и тоа кај Теодо, а дуелот започнува од 20 часот.