МНР потврди дека Љубомир Фрчковски, амбасадорот на РС Македонија во Њујорк во Организацијата на обединетите нации е повикан на консултации во Скопје.
Претставници на МНР кои се на службено патување во САД за Телма потврдија дека амбасадорот е повикан на консултации поради проверка на повеќе наводи за прекршување на правилата на работа и заради проверка на сомнежи за злоупотреба.
Претходно мкд.мк објави дека Фрчковски е повикан на консултации поради злоупотреба на службената картичка за авионски билети без почитување на пропишаните процедури во МНР како и поради тоа што амбасадорот во светската организација не ги почитувал и препораките од претходниот шеф на дипломатијата Бујар Османи.
Според веб медиумот, кој се повикува на свои извори, Фрчкоски е повикан да се врати во Скопје и затоа што немало евиденција на парите од продажбата на имотот кој со сукцесија на поранешна Југославија е доделен на Македонија. Станува збор за имот кој е на територија на САД.
Фрчковски е трет амбасадор кој по промената на власта е повикан на консултации, по амбасадорите во Рим и Тирана.
Фрчковски по неуспешниот обид да стане амбасадор на Македонија во Вашингтон, беше испратен за амбасадор во ООН во март 2022-ра откако претседателот Пендаровски го потпиша Указот за назначување без да ја презентира својата платформа за работа пред собраниската комисија за надворешни работи.
Љубомир Фрчковски е втор министер за внатрешни работи на независна Македонија и беше назначен по мистериозната смрт во автомобилска несреќа во Србија на првиот, Јордан Мијалков (татко на Сашо Мијалков и вујко на Никола Груевски). Во неговиот мандат се случи атентатот врз претседателот Киро Глигоров.
Фрчковски по 4 години во МВР, во 1996-тата беше избран за министер за надворешни работи и таа функција ја извршуваше 15 месеци. Учествувал во подготовката и пишувањето на македонскиот Устав по прогласената независност. Беше и претседателски кандидат на СДСМ во 2009-тата.
Љубомир Фрчковски беше долгогодишен професор по меѓународно право на скопскиот Правен Факултет, автор е на повеќе стручни и научни трудови во таа област, а членувал и во повеќе меѓународни и домашни организации за човекови права и за научни достигнувања во меѓународното право.
Барањето за консултации во МНР за Фрчковски се случува кога министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски се наоќа во САД и е дел од делегацијата на државата која ќе учествува на самитот на НАТО во Вашингтон.
Делегација предводена од премиерот Мицкоски патува за САД на НАТО Самитот во Вашингтон
