Вести Економија Топ вести

Ана Митреска и Игор Величковски избрани за вицегувернери на Народната банка

Собранието, денеска, на предлог на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ги избра Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери на Народната банка, со мандат од седум години.

Ана Митреска е реизбрана за втор мандат на функцијата вицегувернер, откако првпат беше именувана во октомври 2018 година. Таа е магистер по монетарна економија и има повеќе од 25 години работно искуство во Народната банка. Во досегашната кариера дала значаен придонес во областа на макроекономските анализи, среднорочните проекции и истражувачката дејност, а активно учествувала и во комуникацијата со меѓународните финансиски институции и агенциите за кредитен рејтинг. Митреска е авторка на повеќе научни и стручни трудови од областа на монетарната и фискалната политика.

За вицегувернер е избран и Игор Величковски, долгогодишен истакнат професионалец во областа на платните системи и финансиските пазари. Тој е доктор по монетарна економија на Универзитетот во Стафордшир, Велика Британија, и повеќе од 30 години е дел од Народната банка. До изборот на функцијата вицегувернер, Величковски беше директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи, при што беше вклучен во клучни реформи на платната инфраструктура и процесите на нејзина модернизација, како и во приклучувањето на земјата кон Единствената европска област за плаќања – СЕПА во 2025 година.

Во текот на собраниската расправа, пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ изрази критики во однос на постапката и роковите за избор на вицегувернерите. Таа нагласи дека не го оспорува професионалниот кредибилитет и биографиите на кандидатите, оценувајќи ги како „импозантни“, но посочи дека постапката за нивно предлагање и избор не била спроведена во согласност со законските рокови.

Лукаревска потсети дека мандатот на двајца вицегувернери истекол на 18 октомври 2025 година, додека изборот се реализира дури на 8 април 2026 година, и оцени дека со тоа е прекршен Законот за Народната банка. Според неа, ваквото доцнење го загрозува легалното функционирање, легитимитетот и кредибилитетот на Народната банка, особено во услови на економска и финансиска чувствителност. Најави дека пратеничката група на СДСМ ќе гласа против изборот, не поради кандидатите, туку, како што рече, „како аларм за непочитување на законите и роковите“. 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лидерите на ЕУ едногласно ја потврдија поддршката за Украина

Дејан Дејан

Загинаа три лица откако американската војска изврши напад врз брод кој наводно бил вклучен во шверц на дрога

Дејан Дејан

Друштвото на филмски работници на Македонија по осми пат ги додели почесните награди „ Златна рамка“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе