Вести Македонија Топ вести

Ахмети со критики за Уставниот суд и предупредувачки тонови за албанскиот јазик

Отворено писмо полно со критики за Уставниот суд и предупредувања за тоа што ќе се случи ако се ограничи правото на употребата на албанскиот јазик, испрати до јавноста лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Највисоката судска институција ја нарече параполитична и инструмент за дестабилизирачки агенди, а за албанскиот јазик вели дека не е и никогаш нема да биде предмет на преговорање.

„Албанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право, загарантирано со Уставот. Секој обид да се релативизира или ограничи тоа право е директен предизвик на уставниот поредок и нема да помине без одговор. Институциите, особено Уставниот суд, треба да бидат чувари на еднаквоста, а не простор каде што се доведува во прашање она што е стекнат стандард на демократската коегзистенција“, пишува Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Во врска со изјавата на премиерот дека можат да зборуваат албански колку сакаат, но има само еден официјален јазик, Ахмети вели дека не е ниту модерна, ниту државотворна, ниту европска. На крај порачува дека „не бара повеќе од она што им припаѓа, но нема да прифатат ниту ништо помалку“.

Темата деновиве се актуелизираше откако беше побарано правосуден испит да се полага и на албански јазик, а во два наврата и на министерката за образование ѝ беше сугерирано кога оди во Тетово да си земе преведувач, по што премиерот од собраниската говорница порача дека официјален јазик во државата е македонскиот јазик.

Деновиве пристигна и мислењето на Венецијанската комисија кое беше побарано од Уставниот суд во врска со меѓународните и европските стандарди за употреба на малцинските јазици во јавниот живот, односно во државните органи и јавните институции на централно и на локално ниво.

Во него стои дека е тешко да се даде исцрпна листа на европските и меѓународните стандарди коишто се применуваат, ако се земат предвид различните ситуации што произлегуваат од состојбата на ратификација на соодветните инструменти, како и врз основа на слободата на проценка што им се препушта на државите, со која им се овозможува да ги земат предвид особеностите на нивната фактичка состојба, во сопствените правни системи.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Прогласена вонредна состојба во Мостар – голем пожар на депонија гори цел ден

Sasko Dimovski

Багеи: „Обврска за обврска“ е водечки принцип во преговорите меѓу Иран и САД

Sasko Dimovski

Почина Циги, маскотата на ЈП „Лајка“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе