Власта допрва ќе анализира кој каков импакт има во своите редови, кој министер останува, кој ротира и каква математика ќе произлезе од меѓукоалициските договори. Во меѓувреме, критики однадвор, смирувачки тонови одвнатре. Поранешниот министер, а сегашен опозиционер Арбен Таравари го обвинува премиерот Мицкоски за свесно слабеење на албанскиот политички фактор. Премиерот остро му одговори на Таравари, а за Вреди сè уште не открива дали ќе го задржат истиот број на министерски позиции и по реконструкцијата.
„Јас сè уште не можам да се изначудам зошто господинот Таравари тагува по „Ѓока“ бизнисот којшто не му успеа и во јавноста измислува работи коишто немаат апсолутно никаква врска со реалноста. Така што, претпоставувам, тој принцип на вовлекување којшто го применувал кон мене, сега го применува кон нивниот нов коалициски партнер, а тоа е Демократската унија за интеграција. Тогаш во комуникацијата со мене жестоко ги критикуваше, сега претпоставувам во комуникацијата за да се вовлече што повеќе кај Али Ахмети ме критикува мене“, порача Христијан Мицкоски, претседател на владата.
Вчера, Арбен Таравари којшто е лидер на едното крило на Алијанса за Албанците, во гостување на Телма порача дека подобро е да си во опозиција отколку во Влада, а поранешните партнери ги нарече „декор“.
„Во партијата констатиравме дека ние сме само кловнови во Владата или кукли во Владата коишто се тотално маргинализирани. Главната причина зошто ние одлучивме да излеземе од таа Влада беше прво десинхронизацијата внатре во Влен. Ние не успеавме за 10 месеци да именуваме ниту 60-70% директори и заменици директори. Зошто?! – Не можело да се прифати, требало пет години стаж да има за в.д. директор или заменик директор. Практично, ние ги губевме позициите“, изјави Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.
Премиерот досега неколкупати најави дека до мај или јуни ќе биде комплетирана реконструкцијата на Владата. На прашањето дали се разговара и за окрупнување на мнозинството и нови коалициски партнери, Мицкоски беше дециден дека не гледа простор за коалициски договори и преговори со други политички субјекти.
Петар Догов
