Општина Аеродром ќе го отстранува Божиќниот базар Зимзоленд, откако речиси две недели врти рингишпили без никаква дозвола и потребна документација. Ова за Телма го потврдија од Општина Аеродром. Откако вчера изјавија дека се ненадлежни, денес истите тие потврдуваат дека организаторите сепак немале никакви документи и тие ќе ги преземат потребните мерки, почнувајќи од постапка за демонтирање.
- „Вчера во попладневните часови е извршен заеднички вонреден инспекциски надзор над работењето на организираната манифестација „Зимзоленд“. Во надзорот учествуваа Градежна инспекција на Општина Аеродром, Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Дирекција за заштита и спасување. Градежен инспектор на Општина Аеродром изврши увид и отпочна инспекциска постапка согласно со Законот за градење, Законот за инспекциски надзор и Законот за општа управна постапка за отстранување на поставената опрема,“ велат од Општина Аеродром.
Дополнителни неправилности откриле и инспекциите. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека при вчерашната акција затекнале лица што вршеле нерегистрирана дејност. Тие ќе бидат казнети, а сопствениците на базарот се повикани да ја достават целата документација, вклучително и онаа што покажува кој управувал со Зимзоленд.
Проблеми имало и со санитарните услови. При вонреден надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство утврдила дека организаторот не е регистриран како оператор со храна и воопшто не ја известил Агенцијата дека ќе се продава храна. Поради неисполнети хигиенски услови, изречени се парични казни.
- „Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и ќе се врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд (на физички и на правни лица), но и на правното лице организатор на манифестацијата ЗИМЗОЛЕНД. Нему покрај парична казна од 500 евра, изречена му е и мерка времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна,“ соопшти Агенција за храна и ветеринарство.
Во меѓувреме, МВР интервенирало на дел од сообраќајниот хаос, бидејќи овој див лунапарк создава вистински сообраќаен хаос во Ново Лисиче.
- „На улицата „Тодор Чангов“ изречени се 12 мерки за непрописно паркирани возила, а контролите ќе продолжат и наредните денови,“ информираше МВР.
Додека лунапаркот со празнични светилки ги привлекува најмалите, институциите дури сега почнуваат да расчистуваат што се работи незаконски: од нерегуларна дејност и хигиенски пропусти, до недостиг на каква било документација за манифестацијата што секојдневно собира илјадници посетители, а Зимзоленд работи веќе две недели, граѓаните реагираа, а Телма се огласи на нивните барања да се испита кој, каде и дали смее да поставуваа реквизити на кои се возат и деца.
Тамара Марковска
Контроли во „Зимзоленд“- АХВ изрече казна во висина од 500 евра и забрана за продажба на храна
Б.С.
