Странските зборови и нивната секојдневна употреба кај новите генерации е еден од многуте предизвици со кои се соочува македонскиот јазик и македонистиката денес. Сè почестата употреба на странски зборови влијае и на структурата на јазикот, затоа мора да се подигне свеста во наставниот процес, во медиумите и кај сите институции кои имаат одговорност во овој сегмент, вели Јованова- Грујовска.
„Желбата на младите, модата да зборувааат на еден од светските јазици. Тоа го гледаме и во комуникација меѓусебна, за жал, но исто така го гледаме и кога разговараат со родителите, иако зборуваат на македонски јазик употребуваат премногу странска лексика. Додека е на лексичко ниво ќе речеме дека може да биде минлива категорија, минлив процес, меѓутоа навлегувањето во рамките на граматичкиот систем е веќе голем проблем“, изјави проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
„Денес, во време на дигитална комуникација и глобализација, македонскиот јазик се соочува со нови предизвици, туѓи зборови, англицизми, кратенки и поедноставен израз. Но, токму сега, повеќе од било кога, наша должност е да го чуваме и унапредуваме јазикот, не со затворање во минатото, туку со мудро прифаќање на новото, притоа зачувувајќи ја јазичната суштина и посебност“, рече Менче Андреева, директорка на Инспекторат за употреба на македонскиот јазик.
Грижата за јазикот и денес во дигиталната ера станува уште поголема.
„Ние сме генерацијата која што треба да го внесе македонскиот јазик во светот на големите дигитални корпуси, во неговата автоматска обработка, во машинското учење, семантичките анализи, дигиталните архиви и јазичните платформи, терминолошките бази и алгоритамската разменливост“, изјави проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, претседателка на Совет за македонски јазик.
„Ние сме една од ретките земји кои што немаме електронски корпус на македонскиот јазик. Еве сега во зачеток е изработка на Етимолошки речник за македонскиот јазик, немаме подновена Граматика на македонскиот јазик“, вели проф. д-р Елка Јачева- Улчар, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“
Со одбележување на повеќе значајни јубилеи и промоција на најновите изданија на Институтот започнаа 10-те Отворени денови на Институтот за македонски јазик. Во рамките на Отворените денови на Институтот за македонски јазик ќе се одржи и Меѓународна научна конференција на тема „Mакедонскиот јазик – извор на научни истражувања“ со повеќе домашни и странски учесници.
Нина Стефанова
