Вести Свет Топ вести

Монтирале говор на Трамп за да изгледа дека експлицитно поттикнува нереди во Капитол – оставки на генерален директор и извршна директорка на „Би-Би-Си“

Генералниот директор на „Би-Би-Си“, Тим Дејви и извршната директорка на „Би-Би-Си њуз“, Дебора Тарнс поднесоа оставки поради монтажа на говор на американскиот претседател Доналд Трамп. Британскиот сервис се најде во центарот на внимание, откако Телеграф објави детали од интерен меморандум на „Би-Би-Си“ во кој се сугерира дека за потребите на емисијата „Панорама“, два дела од говор на Трамп се споени за да изгледа дека експлицитно поттикнува нереди во Вашингтон и напад врз зградата на Конгресот во јануари во 2021 година.

„Направени се неколку грешки и како генерален директор морам да преземам целосна и конечна одговорност“, напиша Дејви во соопштение на оставката. Тој се повлече од функцијата по пет години по серијата контроверзи околу „Би-Би-Си“ во последните месеци, меѓи кои и за известувањето од музичкиот фестивал во Гластонбери.

Тарнс рече дека „континуираните контроверзи“ околу документарецот „Панорама“ достигнаа фаза во која се нанесува штета на „Би-Би-Си“.

„Вината е моја“, додаде Тарнс.

Благодарност за нивната, како што рече, „непоколеблива служба и посветеност“ изрази Самир Шах, претседател на Управниот одбор на „Би-Би-Си“, и додаде дека „ова е тажен ден за „Би-Би-Си“.

„Највисоки функционери на „Би-Би-Си“, меѓу кои и шефот Тим Дејви, дадоа оставки, бидејќи се фатени во „фалсификување“ на мојот многу добар (совршен) говор на 6 јануари“, напиша претседателот на САД, Домалд Трамп на платформата „Трут сошл“.

„Благодарност за Телеграф што ги разоткри овие корумпирани „новинари“. Тоа се многу нечесни луѓе, кои се обидоа да бидат тег на вагата на претседателските избори. Покрај се, тие се од друга земја, онаа кои многумина ја сметаат за наш сојузник број еден. Каква ужасна работа за демократијата“, додаде Трамп.

Трамп на 6 јануари во 2021 година во Вашингтон рече „Ќе одиме до Капитол и ќе ги бодриме нашите храбри сенатори конгресмени и жени“. По монтажата за „Панорама“, неговата изјава гласи „Ќе отидеме до Капитол… и ќе бидеме со вас. Ќе се бориме, ќе се бориме силно“. Овие две споени реченици се изговорени во временска разлика од 50 минути во оригиналниот говор. Зборовите „ќе се бориме силно“ се извлечени од делот во кој Трамп говори дека американските избори се корумпирани. Американскиот претседател вкупно 20 пати ги изговорил зборовите „борба“ и „ќе се бориме“ во говорот.

Интерниот меморандум на „Би-Би-Си“ го објави Мајкл Прескот, поранешен независен надворешен советник на одборот за уреднички стандарди во „Би-Би-Си“, функција што ја напушти во јуни. Телеграф пренесе дека Прескот изразил загриженост, бидејќи изостанало бавење со „системскиот проблем“ на пристрасност во известувањето на „Би-Би-Си“ на арапски за војната во Газа.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Протест пред Финасии – Вработените од Детската клиника кои останаа без ангажман бараат работа

Дејан Дејан

Протсет во Скопје заради намалените часови за лични асистенти и нередовни исплати на месечните надоместоци

Дејан Дејан

Во долниот дом на парламентот во Букурешт без дебата или гласање – помина законот за обединување на Романија и Молдавија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе