Со аплауз, транспаренти и прегратки, соучениците го пречекаа 19-годишниот Јован во училиштето во Виница. Тој стана херој откако во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани спаси повеќе од 20 луѓе. По трагичниот настан, Јован се лекуваше на Клиниката за токсикологија поради вдишување на голема количина чад. По седум дена, неговата состојба значително се подобри и вчера беше пуштен на домашно лекување, откако неговите лабораториски и токсиколошки анализи покажаа нормални резултати.
„Јован седум дена е третиран на Клиниката за токсикологија и сосема добро ја прифати терапијата и имаше подобрена клиничка состојба. Вчера е испишан и пуштен на домашно лекување со комплетно референти лабораториски и токсиколошки анализи. Препорачано е во наредните седум дена да се направи уште една контрола. Мислам дека сите пациенти кои ги испишавме, вклучувајќи го и Јован ќе бидат под наш постојан надзор во наредниот период за да не дојде до влошување на состојбата“, кажа д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија.
Денес од македонските клиники се испишуваат 12 пациенти, додека 27 остануваат на болничко лекување. За пациентите со изгореници од прв и втор степен, пластични хирурзи од Скопје ќе одат во Кочани да вршат прегледи за да се избегнат патувања до Скопје.
„Во штипската болница имам информации дека има четири пластични хирурзи, а ние тука во Скопје имаме доволно. Јас кажав и претходно дека континуирано наши екипи ќе бидат присутни во Кочани, а доколку треба и во Штип за некакви интервенции“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Министерот Таравари кажа и дека периодов по трагедијата сериозно се размислува и за отворање на Центар за изгореници, но нагласи дека капацитетот би бил ограничен само за неколку пациенти.
Тамара Марковска