Новите предводници на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), претседателот Масар Омерагиќ и спортскиот директор на националните селекции, Горан Пандев одржаа состанок со селекторот Благоја Милевски. Предводникот на А-тимот е единствениот „преживеан“ по смената на раководството, бидејќи сите останати селектори на младинските репрезентации ќе добијат отказ поради очајните резултати.
Омерагиќ уште на Изборното собрание најави дека Милевски ќе остане на клупата на македонската репрезентација, бидејќи не планира да прави нефудбалски потези. Нашиот национален тим имаше одлични настапи во Лигата на нации и со ефект од пет победи и едно реми обезбеди пласман во Б-дивизијата.
Сега Милевски блиску треба да соработува со Пандев, па и двајцата во преден план го ставаат националниот интерес.
„Имавме отворен и пред се искрен разговор. Претседателот на федерацијата ја повтори искажаната поддршка за работата на А македонската репрезентација. Со Горан се согласивме дека репрезентацијата секогаш треба да биде над сите нас“, изјави селекторот.
Челниците на македонскиот фудбал сметаат дека за националниот тим мораат да играат сите фудбалери кои го заслужваат тоа.
„Заедно со претседателот Омерагиќ ни беше важно да разговараме отворено со селекторот за сите теми и му благодарам што го сфати она што го сметаме за правилно, а тоа е дека како мала држава мораме да се потпреме на сите расположливи сили и фудбалерите кои имаат квалитет мора да помогнат и со настапи во репрезентацијата“, истакна Пандев.
Изминатиот период од националниот тим се повлече поранешниот капитен Стефан Ристовски, кој имаше несогласувања со Милевски, но причините никогаш јавно не беа обелоденети. Промените во ФФМ можно е да ја отворат вратата за десниот бек на Динамо Загреб да се врати во националниот дрес за квалификациите за Светското првенство во 2026 година што стартуваат во месец март.