Во НБА-лигата утринава имаше богата програма од дури 13 натпревари. Најдобриот тим сезонава Кливленд ја продолжи фантастичната форма и го запиша петтиот триумф во низа и тоа со просек од 20 поени разлика. Кавалирс славеа против Јута со 124-113 за 17-ти триумф на 18-тиот натпревар на домашен паркет сезонава. Еван Мобли и Донован Мичел со по 22 поени беа најефикасни во победничкиот табор, а Џордан Кларксон имаше 27 поени за Џез.
Во дербито на Западот, Денвер го совлада Феникс со убедливи 117-90. Одлучувачка беше третата четвртина што Нагетс ја добија со фантастични 45-28. Никола Јокиќ имаше 32 поени за домашниот состав, додека кај гостите Кевин Дурент и Бредли Бил имаа по 23 поени.
Шаи Гилџеус Александер со 41 поен ја предводеше Оклахома до победа од 123-105 против Вашингтон. Шампионот Бостон загуби на гостувањето кај Орландо со 108-104, а Лос Анџелес Лејкерс загубија на домашен паркет од Детроит со 114-117 и покрај трипл-дабл ефектот на Леброн Џејмс од 28 поени и по 11 скока и асистенции.
На останатите натпревари победи запишаа и Далас, Лос Анџелес клиперс, Милвоки, Њујорк, Мајами, Филаделфија, Хјустони и Индијана.