Вести Македонија Најважни

Се разговара со секој пратеник – министерот Спасовски порача дека изолацијата одвнатре е неприфатлива

Една од клучните цели и приоритети на државата е членството во Европската Унија и ако сите знаеме дека тој пат нема алтернатива, а нема заради тоа што досега не беше понудена никаде, тогаш е многу јасно дека треба да работиме и да направиме се да го отвориме тој пат, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Изолацијата на државата, посебно изолација која што доаѓа од внатре е неприфатлива. Се разговара со секој пратеник заради тоа што сега одговорноста е на пратениците, оние коишто ги претставуваат граѓаните. Мислам дека никој нема право да ја држи во заложништво перспективата на македонските граѓани“, рече Спасовски во одговор на новинарско прашање при денешното одбележување на Денот на Единицата за брзо распоредување во Куманово.

Посочи дека и во наредниот период ќе продолжат низ дијалог, низ политичка активност да бараат начин за да бидат донесени уставните измени кои се неопходни за земјава да го продолжи евроинтеграцискиот процес.

„Посакувам час поскоро да ги завршиме сите овие активности и Република Северна Македонија да продолжи напред на патот кон европските интеграции заради тоа што ако застанеме на овој пат, многу години чекање како што се чекаше досега има негативен ефект исклучиво врз граѓаните и врз државата, а не врз политичарите“, рече Спасовски.

Порача дека е важно политичарите да бидат разумни, да не гледаат за свој личен интерес, да не гледаат за политика која што ќе биде од денеска за утре, туку да гледаат визионерски, да гледаат напред, да гледаат после 20, после 30 години кога, како што кажа, сите ние би биле дел од европското семејство.

Прашан за коментар на ставот на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари дека со не носењето на уставните измени ќе се отвори пандорината кутија, рече дека за тоа треба да се праша токму Таравари.

-Мојот став е многу јасен. Значи, перцепциите не може да бидат поинакви од тоа што го посакува мнозинството на граѓаните на Македонија, а тоа е да се движиме силно напред кон европските вредности, потенцира Спасовски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Историски пораз на СДСМ, не и најголема победа на ВМРО-ДПМНЕ

Битиќи, Тренчевска и Костадинов поднесоа оставки по убедливиот изборен пораз на СДСМ

Дејан Дејан

Како СДСМ за првпат станува трета политичка сила во македонскиот парламент, распоред на силите во новиот парламентарен состав

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе