Вести Економија Македонија Најважни

Копање криптовалути – „модерно рударство“ во Македонија

Колку губи државата заради кражбите на струја со кои се копаат криптовалути прецизен одговор нема.

Она што веќе е јасно е дека ова не е мит туку зачестена појава во Македонија, иако на прсти од една рака може да се избројат случаите кога некоја од надлежните институции потврдила дека биле поставени ригови кои црпеле огромно количество струја за да може некој да се збогати.

Точни информации каде се копа нема а шпекулации има многу, од одредени објекти и улици до цели населби и општини.

Интересно е и што нашето законодавство не препознава вакво кривично дело па исто пред законот одговара и тој што приклучил на диво замрзнувач во подрумот и тој што поставил десетици па и стотици компјутери.

Колку штета предивзикува оваа појава потврди и самиот премиер.

Сервери за „копање“ беа откриени и во државната „Македонски железници“ инфраструктура а сомнежот дека се копале криптовалути во подрумите на ГТЦ се уште постои.

Фармите за биткоини најлесно може да се откријат во зима, поради топлината која ја произведуваат а кај нас се „ловат“ преку скенирање на трафостаниците и нивното оптоварување.

Од ЕВН не негираат дека откриле локации каде што се копаат криптовалути односно се краде огромно количество на струја.

„Поради доверливоста на податоците не може да споделиме прецизни информации колку случаи и каде имаме регистрирано кражби на струја заради копање на криптовалути, но такви кражби се случуваат и постојат.За овие случаи се спроведуваат натамошни постапки за онаму каде што има записник и точно утврден прекршок или кривично дело“ – реагираат од ЕВН.

Македонското законодавство не познава кривично дело копање на криптовалути, единствено „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“  што е опфатено со  членот  235-а од Кривичниот законик кој предвидува затворска казна до три години и задолжителна парична глоба.

Во Кривичниот суд, за ова кривично дело во изминатите година и пол се осудени вкупно 86 лица, сите по правило со условна казна затвор и глоба, но од Судот додаваат дека станува збор за предмети од периодот пред 2021 година.

Според официјалните податоци на МВР годинава евидентирале вкупно 44 случаи во кои делото е кражба на струја, но повторно без прецизна информација дали станува збор за копање на криптовалути или пак за див приклучок на мрежата.

Најголем дел од случаите се во Сарај – 19, во Драчево – 18, шест во Синѓелиќ и еден во Арачиново а кривични пријави, повторно за Кражба на струја се поднесени против 40 лица.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе