Вести Економија

Цените на нафтата над 96 долари, ОПЕК и сојузниците го намалуваат производството

Цените на нафтата денеска „скокнаа“ на меѓународните пазари над 96 долари откако водечките производители одлучија благо да го намалат производството во октомври, а рускиот „Газпром“ ја одложи испораката на гас за Европа преку „Северен тек 1“.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладнето беше повисока за 3,43 долари отколку на затворањето на крајот од минатата недела и изнесуваше 96,42 долари. На американскиот пазар, барелот во електронската трговија се тргуваше по 2,94 долари повисока цена, од 89,87 долари.

Американските пазари денеска се затворени поради празникот.

Трговците денеска очекуваа одлука од ОПЕК и неговите сојузници, вклучувајќи ја Русија, за производство во октомври.

ОПЕК+ одлучи благо да го намали производството во октомври, за само 100 илјади барели дневно, што одговара само 0,1 отсто на глобалната побарувачка.

Загриженост предизвика рускиот гасен гигант „Газпром“, кој во петокот одлучи дека сепак за викенд нема повторно да почне со испорака на гас во Европа преку „Северен тек 1“ поради истекување нафта во турбината во Портановка кај Санкт Петербург.

Цените на гасот „скокнаа“ утрово на европските пазари за 30 отсто. Аналитичари предвидуваат зголемена потрошувачка на нафта во производството на електрична енергија.

Во август, Меѓународната агенција за енергија ја зголеми својата проценка за побарувачка за нафта годинава, дел и затоа што се очекува некои земји, поради рекордни цени на гасот и струјата, гасот во електраните да го заменат со нафта.

Поддршка на цените даваат и денешното ублажување на епидемиолошките мерки во кинески Шенжен и укажувањата за проблеми во преговорите за иранската нуклеарна програма што би можеле да го отворат патот за враќање на иранската нафта на меѓународните пазари.

Според неименувам западен дипломат, Белата куќа во петокот го одби барањето на Техеран, договореното да се врати договорот од 2015 година да се поврзе со склучувањето на инспекциите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Иран.

ОПЕК одделно објави дека барел од нафтената кошница на нејзините членки минатиот петок се зголеми за 95 центи, на 99,22 долари.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Савески: Јавната обвинителка во предметот за мазутот сметала дека единствен резултат од прибраните докази е Наредба за запирање на постапката

Sasko Dimovski

Не смееме да оставиме впечаток за конфликт меѓу обвинителството и МВР, рече Савески во врска со наводната шпионска афера во претседателскиот Кабинет

Sasko Dimovski

Савески: Јавувањето од премиерот не гледам дека ми се удри од глава, немаше ниту еден збор од него што го почувствував како притисок

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе