Најважни Спорт Фудбал

Заврши историското ЕП за Македонија, заврши и репрезентативната кариера на Пандев (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација се прости од Европското првество со убедлив пораз од Холандија со 3-0. Тоа беше и последниот фудбалски танц на капитенот Горан Пандев, како и за селекторот Игор Ангеловски, а од националниот тим се повлекуваат и Иван Тричковски и Крсте Велкоски.

Можеби резултатот е превисок во однос на она што Македонија го покажа денеска на „Јохан Кројф“ арената во Амстердам, но се отпишавме од турнирот со храбра игра, а дури и постигнавме два гола, но беа поништени поради офсајд на Иван Тричковски во првото и Дарко Чурлинов во второто полувреме.

Александар Трајковски се закани од дваесетина метри во 23-тата минута, но стативата беше сојузник на Холанѓаните. Домашната селекција веќе следната минута го отвори резултатот, откако Горан Пандев не доби прекршок од Дејли Блинд, па во противнапад Мемфис Депај погоди за 1-0.

Во второто полувреме нашите момци немаа сили да ја повторат играта од првиот дел, па „лалињата“ брзо ги решија сите дилеми. Прво Тричковски спаси на гол-линијата по ударот со глава на Матијс де Лихт, но никој не можеше ништо, кога Мемфис го проигра Вајналдум за 2-0 во 51-та минута. Кратко потоа капитенот на Холндија повторно се запиша во листата на стрелците за 3-0.

Во 68-та минута, Ангеловски го повлече од игра Горан Пандев за да добие стоечки овации од арената „Јохан Кројф“. Нашите фудбалери направија шпалир за својот капитен, а доби и аплаузи од противниците, кои уште пред почетокот на мечот му подари дрес за спомен на неговиот 122. и воедно последен меч во репрезентацијата.

Победата на Холандија можеше да биде и многу поубедлива, но голманот Столе Димитриевски со неколку интервенции покажа дека можеби беше наш најдобар играч на ова дебитантско Европско првенство.


Го завршивме турнирот со три порази во групата Ц, но никој не може да им замери на фудбалерите за борбата и храброста, а вистинската шанса за бодови очигледно ја испуштивме на дуелите со Австрија и Украина.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Манчестер јунајтед и Тотнем во битка за Лигата на Европа и „виза“ за Лига на шампиони

Дејан Дејан

Струга стои на патот на Вардар кон првиот Куп-трофеј по 18 години

Дејан Дејан

Оклахома убедлива на првиот натпревар со Минесота во финалето на Западот (ВИДЕО)

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе