Македонската фудбалска репрезентација се спаси од катастрофален пораз на гостувањето кај Естонија играјќи 3-3. Ја потценивме противничката селекција, која имаше водство од 3-1, но во финишот се изборивме за еден бод од гостувањето во Талин.
Селекторот Игор Ангеловски дефинитивно нема доволно широк и квалитетен ростер за да експериментира со почетната постава, а тоа најдобро се виде на денешниот натпревар. Во првите 11 ги немаше Горан Пандев, Илија Несторовски, Енис Барди и Дарко Велковски, а поради повреда од претходно во комбинација не беа ниту Егзон Бејтулаи и Аријан адеми, додека суспендиран беше Висар Муслиу. Недостигаше и голманот Столе Димитриевски, кој мораше во принудна изолација поради сомнителен тест на Ковид-19, кој подоцна се покажа како негативен.
Натпреварот почна добро за нас, бидејќи домаќините си постигнаа комичен автогол уште во третата минута, кога мартен куск во обид да ја врати топката до својот голман ја затресе мрежата. Естонија заигра многу подобро во продолжението па дојде до израмнување преку Рауно Сапинен во 33-тата минута.
Истиот фудбалер направи целосен пресврт во 61-та минута, па селекторот Ангеловски веднаш во игра ги урфли Горан Пандев и Илија Несторовски. Имавме шанса веднаш да го израмниме резултатот само пет минути подоцна, откако добивме пенал поради игра со рака на Баранов, но Александар Трајковски биеше само во рамката од голот.
Во 76-тата минута Естонците добија пенал, откако Стефан Споривоски играше со рака во живиот ѕид при еден слободен удар. За разлика од Трајковски, Франк Ливак беше прецизен од белата точка и го измами голманот Дамјан Шишковски за високи 3-1 за Естонија.
Нашиот квалитет дојде до израз во самиот финиш кога со сите сили притиснавме кон голот на Естонците. Горан Пандев погоди за 3-2 во 80-тата минута, а на две минути до крајот на регуларниот дел и дефанзивецот Ѓоко Зајков се запиша во листата на стрелците и ги постави конечните 3-3.
Македонија и покрај овој кикс ќе остане на врвот на табелата во Групата 2 со пет бодови, бидејќи Ерменија и Грузија исто така ремизираа со резултат 2-2. Грузија нашиот следен противник во среда исто така има пет годови со иста гол-разлика од +1, но ние сме први поради повеќе постигнати голови. Ерменија има четири бодови, додека Естонија е последна со еден бод.
ФОТО: Игор Паневски