Со користење на правилата на парламентарната процедура, предлог законот на една мала ултра-десничарска партија во Романија со кој се предлага обединување на оваа држава со република Молдавија успешно ја помина првата фаза во националниот законодавен дом.
Предлогот на партијата СОС Романија за обединување со Молдавија бил поднесен во парламентот уште во април и добил негативно мислење од владата, додека ист став имале и правната комисија и комисијата за човекови права на домот на пратениците, односно долниот дом на романскиот парламент.
Но, бидејќи не била одржана дебата и за овој предлог не се гласало на пленарна седница, по истекот на рокот од 45 дена предвиден за тоа со уставот, се смета дека предлог законот е премолчено усвоен .
Истовремено, од романската влада се бара да започне, наводно „итни“ преговори со властите во Кишињев за финализирање на обединувањето со Молдавија.
Но, ова користење на процедурите за политички цели, не значи и дека ваквиот предлог, кој драматично би ги зголемил тензиите со Русија, веќе е усвоен.
Конечната одлука за вакви прашања ја носи горниот дом на романскиот парламент, Сенатот.
Доколку овој предлог не ја добие поддршката во Сенатот а тоа е сосема очекувано, бидејќи против него се изјаснуваат и владата и најголемите опозициски партии, тој нема да стане закон.
