Под слоганот „Сите нека знаат“, утре во Скопје ќе се одржи Скопје Прајд 2026, настан посветен на човековите права, еднаквоста и достоинствениот живот на ЛГБТИК+ заедницата во земјава.
Организаторите информираат дека Парадата на гордоста и оваа година ќе има карактер на протестен марш, преку кој ќе се испратат пораки за видливост, солидарност и отпор кон дискриминацијата.
„Парадата на гордоста претставува протестен марш за човекови права, еднаквост и достоинствен живот на ЛГБТИК+ луѓето во Северна Македонија. Годинава маршот ќе се одржи во услови на засилени општествени и политички предизвици, со порака за видливост, солидарност и отпор кон дискриминацијата“, соопштија организаторите.
Собирот на учесниците е закажан за 18 часот кај Фонтаната во Градскиот парк, додека протестниот марш ќе започне во 19 часот. Скопје Прајд традиционално собира активисти, поддржувачи и граѓани кои се залагаат за еднакви права, недискриминација и поголема општествена инклузија на ЛГБТИК+ заедницата.
