Не смееме да оставиме впечаток дека две институции како што се Јавното обвинителство и министерството за внатрешни работи (МВР) имаат меѓусебен конфликт, истакна републичкиот Јавен обвинител Ненад Савески во интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ во врска со преписките за случајот со наводната шпионска афера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
„Прво, конфликт не може да има. И тие и ние постапуваме согласно нашите надлежности. Меѓутоа кога предмет, овој или било кој друг, е дојден пред надлежно постапување пред Јавното обвинителство, тука веќе просторот за реагирање од страна на МВР како да заслабува. Јавниот обвинител е оној во чии раце е одлучувањето по тој предмет и никако не може да биде очекувано министерството за внатрешни работи да реагира на конкретна јавнообвинителска одлука или постапување, кога во целиот тој процес на постапување, во самата постапка, од предкривична, ако се развила и во истражна постапка, практично се вклучени истражителите на МВР“, рече Савески.
Предметот, како што истакна, е во зрела фаза и наскоро ќе има јавнообвинителска одлука.
С.Д.
