СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот на Народната банка, Трајко Славески за несовесно работење. Постои основано сомнение дека со своето постапување тој грубо ги прекршил закобските обврски и ја довел во прашање законитоста на работењето на Народната банка, предизвикувајќи штета врз институцијата и правниот поредок, кажа генералниот секретар на опозициската партија, Александар Димитријевиќ.
„Прво, пробиен е законскиот рок за предлог на вицегувернери, со што е директно загрозено легалното функционирање на Народната банка. Второ, постојат сериозни индиции дека по истекот на мандатите, на лицата им се исплаќале плати за функции кои веќе не смееле да ги вршат. Трето, овие лица продолжиле да носат одлуки во советот на Народната банка и по истекот на роковите што ги прави тие одлуки правно спорни и ништовни“, потенцира Димитријевиќ кој го повика обвинителството да ги испита сите наводи и да покрене постапка.
