Вести Македонија Најважни

Не гледа простор за работа во согласност со нејзините принципи – обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка на јавнообвинителската функција

„Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели, такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби“, вели Ристоска во пишаната изјава.

До оставката доаѓа откако оваа недела Советот на јавни обвинители ја отфрли нејзината претставка за напад врз самостојноста, по изјавите на премиерот Мицкоски дека е медиокритет и дека има „клиентелистичко-политичка матрица“. Советот констатира дека Мицкоски не ја споменал неа лично. Државниот јавен обвинител ѝ ги повлече овластувањата за застапување на обвинението во случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сметам дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал“, стои во пишаната изјава на Ристоска.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески во пишана изјава изрази жалење за одлуката на Ристоска, од која очекувал со нејзиното искуство да даде придонес кон зајакнување на капацитетите на Обвинителството.

„Одлуката за отповикување на сите овластувања дадени од моите претходници не е персонална и во никој случај не е насочена кон работата на обвинителката Ристоска. Таа одлука е од организациска природа и нејзината цел е зголемување на ефикасното постапување на јавното обвинителство“, стои во пишаната изјава на Савески.

Со нејзината оставка, Македонија останува без обвинител за врски со Агенцијата за кривична соработка на ЕУ – Еуроџаст. Ристоска е обвинителка за врски со Еуроџаст од 2018 година. Сепак, никогаш не замина за Хаг. Според Еуроџаст, таа во изминатата година била вклучена во 31 нов случај, пет состаноци за координација и еден заеднички истражен тим.

Ристоска ѝ стана позната на пошироката јавност во 2015 година како обвинителка во тогашното Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Ги водеше случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за изградбата на Белата палата, а на партијата ѝ замрзна имот од околу 5 милиони евра. Од тогаш трае и анимозитетот на владејачката партија кон неа. Случајот се развлекува со години низ судовите, а неколкупати почнуваше од почеток од разни причини.

Ристоска беше обвинител во случајот „Таргет-Тврдина“ во кој поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков првостепено беше осуден на 12 години затвор, но Апелација ја укина пресудата, па потоа случајот застаре. Апелациониот судија Енвер Беџети се најде на црната листа на САД, затоа што девет месеци го чувал предметот во фиока.

Советот на јавни обвинители во 2021 година не ја избра за Виш обвинител, затоа што била премлада и била на породилно. Комисијата за спречување на дискриминација утврди дека била дискриминирана.

Ристоска влезе во јавен конфликт со премиерот, откако владата ја поништи листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, затоа што тројцата кандидати не ги исполнувале условите, и формираше нова комисија која предложи тројца нови кандидати. Ристоска бараше владата да каже кои услови не ги исполнува, но одговор не доби.

Поради навредливите соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ против неа, таа поднесе тужба против партијата.

Таа се кандидираше и за државен јавен обвинител, но владејачкото мнозинство го избра Ненад Савески.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Прогласена вонредна состојба во Мостар – голем пожар на депонија гори цел ден

Sasko Dimovski

Багеи: „Обврска за обврска“ е водечки принцип во преговорите меѓу Иран и САД

Sasko Dimovski

Почина Циги, маскотата на ЈП „Лајка“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе