Извештајот на Европската Комисија (ЕК) за Република Северна Македонија е вистинско охрабрување за продолжување со реформите во одредени сектори, порача амбасадорот на Република Франција, Кристоф ле Риголе. Посочи дека Извештајот сам по себе е интересен, како и дека е многу детален, комплетен.
„Многу урамнотежен, со многу позитивни елементи и со помалку позитивни елементи. Но, исто така, претставува охрабрување за да се продолжи на патот на реформите и со посебен акцент што е ставен на зајакнување на владеењето на правото, независно судство и борба против корупцијата, теми коишто се важни во сите наши општества. Извештај кој од таа гледна точка е многу корисен и навистина ги одразува приоритетите во нашата соработка, затоа што Франција тесно соработува во тие сектори зајакнување на администрацијата, независност во судството“, вели Ле Риголе.
Пред шест дена, Европската комисија во извештајот за напредокот за земјава за 2025 година и во својата Стратегија за проширување констатираше дека Македонија во текот на минатите 12 месеци не презела решителни чекори за напредок во процесот на преговори за пристапување. Во него се порачува и дека Македонија треба да ги интензивира напорите за спроведување на реформите поврзани со ЕУ, особено во рамки на кластерот Основи, во делот на владеење на правото, заштита на судската независност и интегритет и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Опозициската СДСМ оцени дека Македонија доби најлош извештај во изминатите 10 години, а пак владеачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека документот е „извештајче“ кое се користи за притисок. Ќе бидеме спремни за членство во ЕУ, кога ЕУ ќе биде спремна да нè прими, порачаа од владеачката партија.
Викторија Јованова
