Код Македонија

КОД: Колку чини авионски лет од Швајцарија за Кичево, ДКСК за кандидатите кои се рекламираа со собирање ѓубре вели „етичко прашање“, какви трикови имаше за локалните избори

Додека снимки објавени на социјалните мрежи, покажуваат слетување на охридскиот аеродром, внатре, во авион, над 30 редови полни со патници и сите со дигнати 4 прсти како асоцијација на редниот број на избирачко ливче. Тргнуваш од дома, во Швајцарија и доаѓаш дома, во Кичево за да гласаш за градоначалник и комунални проекти, хигиена и полнење дупки со асфалт. Тоа се случува исклучиво за локални избори и е старо трикче на политичката партија.

Но, македонската комунално-партиска сцена не мируваше ниту на полето на иновациите. Меѓу двата круга се искористи насобраното скопско ѓубре за да се сними предизборно спотче како кандидат,на територија на општина каде има друг градоначалник и совет на функција.

Секако не изостанаа и некои веќе познати трикови, поделба на брашно, бело ТИП 400 и 500 во населби каде живеат посиромашни граѓани. Кандидати за градоначалници со партиски колеги, министри и директори се шетаа по болнички ходници и административи згради за промоција.

Повторно, гласачи си ги наоѓаа починатите родители на избирачки список на гласачките места. Имаше и обвинувања за поткуп со пари.

Изборите завршија, победниците полека ги заземаа своите стари или нови фотељи, а од Брисел преку уште еден извештај за напредок стигнаа малку пофалби, но и повторени лоши оценки за избори и надгледување изборни кампањи.

Извадок од Извештај на ЕК за напредок на РС Македонија: Постојаните недоследности, празнини и двосмислени толкувања ја загрозуваат правната сигурност. Дополнително, нејзиниот надзор (на ДКСК) врз финансирање на изборните кампањи останува слаб поради несоодветната законска рамка, ограничените ресурси, рачната обработка на податоци и недостаток на планирање.

Кичевски изборен авио-туризам

КОД ги провери двете табли за слетувања на скопскиот и охридскиот аеродром. За два дена во изборниот викенд има вкупно 9 авиони таканаречени чартери. Пет авиони се на компанијата Хелветик од Швајцарија. Се обидовме да ангажираме авион за повратен лет од Швајцарија, за викендот на 15-ти ноември. За да ја видиме цената.

-Добро утро Г-дин Серафиновиќ.

Благодарам за барањето. За жал, немаме авион (AC) на располагање, ни одговорија од Хелветик.

По дописот од менаџерот за продажба Арно Јоос, испративме новинарско прашање до прес службата на Helvetic за летовите за изборниот викенд и за тоа кој ги организирал и колку платил.

-Helvetic Airways има оперативни регуларни летови за Охрид и Скопје од 2006-та и има голема редовна клиентела. Имавме голем број барања за викендот за кој прашувате и поради тоа одлучивме да организираме летови за Охрид. Поради заштита на лични податоци, не може да ви дадеме информации за лични податоци на патниците и за цената, стоеше во одговорот од компанијата.

КОД се распраша за цената и според познавачи на воздухопловната индустрија, цената за еден повратен чартер лет би требало да биде околу 30 илјади евра. Цената не е проблем туку кој ја платил и дали тоа е дел од изборната кампања. А тоа е задача на Антикорупциска.

-До Државната комисија е доставена пријава со наводи за организирање на превоз на граѓани од странство, кои се запишани во избирачкиот список, како и наводи за сомневања за поткуп при изборите и вршење на недозволено влијание. Согласно законската обврска,пријавата ја доставивме до надлежниот јавен обвинител за негово надлежно постапување. Во однос на делот на прашањето за правење кампања во странство, одговорот е идентичен, велат од Антикорупциската комисија.

Поранешниот антикорупционер Владимир Георгиев посочува каде и како обвинителството треба да истражува.

-Постои комисија специјално формирана за изборите во Јавното обвинителство. Сметам дека таа комисија може да истражи и по член 162 од Кривичниот законик да провери дали постои дело изборен поткуп, бидејќи е забрането со закон било што да се дава на гласач, пари или да се исполни било каков бенефит и интерес на гласач во договор. Е, сега бесплатни авионски карти спаѓаат во таа категорија, изјави за КОД, Владимир Георгиев, поранешен член на Антикорупциската комисија.

Од обвинителството на нашите прашања за членот 162 од Кривичниот законик одговорија: дека јавните обвинителства низ државата постапуваат по сите пријави и известувања за сомнежи.

-Дел од предметите вклучуваат наводи за поткуп при избори и гласање кои се проверуваат. Во однос на евентуален сомнеж за незаконито финансирање на изборна кампања, што опфаќа дел од вашето прашање, надзорот на трошењата и сметките на политичките партии е во надлежност на други органи, кои доколку утврдат елементи на кривично дело за тоа треба да го известат обвинителството, одговори прес службата на обвинителството.

Државната Изборна комисија ни одговори дека не е надлежна ниту за авионскиот превоз на избирачи ниту за проверка на финансиите во кампањата. И во триаголникот за избори, имаме една ненадлежна и две институции кои си префрлаат на другата која што треба да се провери.

Проблемот со швајцарските кичевски гласачи е што дупката е во законот кој препишал социјалистичка терминологија и остава можност иселени луѓе да гласаат на општински избори.

Но, летовите откриваат и друга работа. Четири од 9-те се изведени од страна на извесна Каспиан Ерлаинс. Оваа компанија е од Иран, на нејзината веб страна секако стои слика од ајатолахот и податоци на персиски јазик. Ама на интернет податоците за Каспиан стои и дека оваа иранска авио-компанија е на црна листа на САД со забрана за финансиски трансакции на американски субјекти кон неа. Гревот е што Каспиан Ерлајнс „обезбедувала поддршка на елементи на Иранската Револуционерна Гарда преку транспорт на персонал и нелегален материјал, вклучително и оружје, од Иран во Сирија“.

Првата забрана е од 2014-та, црната листа е дополнета во 2016-та, а на листата на американски санкции се ставени и помали ирански или компании од други делови на светот поради тоа што набавувале резервни делови за американските боинг авиони со кои располага Каспиан Ерлајнс.

Таква компанија и авиони слетувале во Македонија за изборниот викенд. Организацијата на летовите на Каспиан била од двајца луѓе во Швајцарија кои под мотото „Со љубов за Кичево“ преку фејсбук ги продавале картите за 190 швајцарски франци односно за околу 12.500 денари. За лет на 120 патници, вкупната цена е 24.600 евра, а имало дополнителни трошоци и карти и за автобус.

Повторно е прашањето кој плаќал и дали парите ќе се рефундираат од изборна кампања. Но, лошиот закон и преширокиот избирачки список прават проблем со цензусот, имаме избирачи на списокот кои не ја виделе Македонија со години и децении.

Предизборно „ѓубре“ кампања

Повеќе кандидати на владеачката коалиција пред изборите се прошетаа и снимија предизборни видеа за кампања, покрај една нова непосакувана скопска знаметиност. Купишта ѓубре. Се сликаа со камиони од други општини надвор од Скопје и собираа гласови за активност во проблемот од 19-ти век кој го погоди Скопје во 2025-тата.

Антикорупциска првично, меѓу двата круга, не виде проблем иако наведе дека кандидатските активности со ѓубрето од некого „може да бидат перцепирани како начин на изборно претставување на кандидатите во изборната трка“ и тврдат дека затоа бараа изборни законски измени.

Но, на прашањето на КОД откако кандидатите со такво поведение победија, а двајца менаџери од Комунална Хигиена се осомничени и во притвор, сега ја оспоруваат нивната етика и морал.

-Државната комисија за спречување на корупцијата укажa дека е неетички актуелната ситуација со комуналниот отпад во Скопје и пружената помош од другите единици на локална самоуправа да се користи за изборна кампања, велат од ДКСК.

Прашањето е како Антикорупциска утврдила дека е етичко, а не корупциско прашање и зошто кога имало такви прекршоци не излегоа да ја предупредат јавноста на таквото однесување на кандидатите.

На грбот на граѓаните кои имаа мака, се правеше кампања, подиректен е Георгиев.

Но, Антикорупциска засега не гледа своја улога во расветлување на овие според неа етички злоупотреби, иако кандидатите од ѓубреџиските предизборни клипчиња, ако играат по закон и ги почитуваат правилата ќе треба да ги пријават и камионите од внатрешноста бидејќи станува збор за јавни средства.

Скопје избра градоначалник со едвај третина гласови и засега не е познато дали игрите со ѓубрето предизвикале неколку проценти апстиненција на изборите. Ама дека нема гласачи- нема. Особено во некои македонски краишта каде што се трошат пари за избори без решение за избор.

Од друга страна дијаспората доаѓа да гласа, а има уште еден феномен кога на локални избори во ЕУ држави гласаат и македонски државјани најчесто затоа што имаат бугарски пасоши или пасоши од други држави од Европската Унија.

Па така Македонија нема само двојни гласачи, од Швајцарија, туку и многу тројни гласачи со  бугарски и ЕУ пасоши. Со тоа, се исцрпува фондот на избирачи во Македонија, а сите запишани избирачи од странство се користат во опасните партиско-етнички битки.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во емисијата КОД за изборните надмудрувања,која беше прикажана на Телма на 09.11.2025. на Телма.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Протест пред Финасии – Вработените од Детската клиника кои останаа без ангажман бараат работа

Дејан Дејан

Протсет во Скопје заради намалените часови за лични асистенти и нередовни исплати на месечните надоместоци

Дејан Дејан

Пратеничка кавга за платите во одбрана – две години не се зголемени, а и буџетот паѓа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе