Ќе останат ли земјоделците без европските пари, откако скандал со проневери заврши со истрага и апсења? – Европската комисија согласна да се запрат сите исплати додека не се расчисти случајот. Додека истрагата е во тек, сегашниот и претходниот министер за земјоделство со спротиставени изјави дали има или нема исплата.
Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите, велат од мисијата на Европската Унија (ЕУ) за Телма по апсењето на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев за земање на мито. Оттаму информираат дека Европската Комисија (ЕК) побарала дополнителни информации од националните институции за случајот и ја задржува можноста да преземе превентивни мерки за заштита на финансиските интереси на ЕУ.
„Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите. Со оглед на тоа дека во моментов во тек е истрага, не би можеле да дадеме дополнителни коментари. Очекуваме институциите од Северна Македонија да постапуваат со целосна сериозност по ова прашање. Европсата Унија останува посветена на обезбедување на поддршка за фармерите, земјоделството и руралните области, доколку средствата од ЕУ се обезбедени соодветно“, велат од мисијата на ЕУ во Македонија.
Од Министерството за финансии потврдуваат дека државата донела одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција. Во моментот Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе превземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања“, соопштија од министерството за финансии.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски уверува дека ЕК не побарала замрзнување на ИПАРД средствата и дека проверките за работењето на агенцијата се прават согласно процедурите и се преземаат активности во делот на контролните механизми за исплатата на ИПАРД средствата. Најавува дека набрзо ќе биде назначен нов директор на агенцијата.
„Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на кои како држава сме корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата агенцијата за нејзиното работење се силно поздравени од страна на Брисел, затоа што само на тој начин ќе можеме да бидеме како држава исправни и да работиме согласно сите закони и процедури“, изјави министерот за земјоделство, Трипуновски.
ОД СДСМ, пак, тврдат дека во петокот од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на ИПАРД 3 програмата.
„Одлуката стапила на сила веднаш, на неопределено време, сè до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите кои што веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици. Сето ова е под суспензија“, изјави Љупчо Николовски од СДСМ.
Трипуновски ги демантира и обвинувањата на СДСМ дека е поврзан со случајот, бидејќи неговата соработничка Јасмина Костадинова е меѓу осомничените. Тој вели дека Костадинова не била дел од неговиот кабинет кога стапил на функцијата, туку работела во Управата за водостопанство и во петокот добила отказ.
Истрагата досега покажа дека Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и локална самоуправа во владата на Љупчо Горѓиевски му ветил 50.000 евра на Стоилев, а полицијата го фатила со првите 400 дадени на рака. Поткупот бил со цел фирмата на Насуфи која не исполнува услови да добие пари од ИПАРД.
Марија Митевска
