Руски „Газпром“ и Кина потпишаа правно обврзувачки договор, според кој преку Монголија ќе изградат нов гасовод до Кина – „Моќта на Сибир 2“ – и ќе го прошират обемот на снабдување преку уште два гасовода. Рускиот производител ќе испорачува по 50 милијарди кубни метри гас годишно во наредните три децении, пренесуваат руските медиуми.
Компанијата ќе го зголеми протокот преку постојниот гасовод „Моќта на Сибир“ за дополнителни шест милијарди кубни метри годишно, а снабдувањето преку гасоводот „Далечен Исток“ ќе започне во 2027 година, исто така со поголем обем од првично договореното.
Цената на гасот ќе биде пониска во споредба со онаа за европските потрошувачи. Со овој договор, „Газпром“ ќе ја зајакне својата позиција како клучен снабдувач на Кина и делумно ќе ги надомести загубите на европскиот пазар, кои се резултат на санкциите поради војната во Украина.
