Силен топлотен бран ја погоди Западна Европа. Франција, Велика Британија и Шпанија забележаа рекордно високи температури.
Во Франција е измерен најтоплиот ден од почетокот на мерењата во 1947 година, во Париз температурите достигнаа речиси 41 степен Целзиусов.
Во Велика Британија е регистриран најтоплиот јунски ден досега со 36,1 степен, а метеоролозите предупредуваат дека температурите може дополнително да се зголемат.
Шпанија, пак, го забележа највисокиот просек на дневни температури за јуни од 1950 година наваму, со вредности над 42 степени во некои региони.
Властите во повеќе европски земји издадоа црвени предупредувања за екстремна жештина, а зголемен е и ризикот од пожари, суши и здравствени проблеми.
Експертите предупредуваат дека климатските промени придонесуваат за сè почести и поинтензивни топлотни бранови низ Европа.
Екстремно топлотниот бран е предизвикан од т.н. „топлотна купола“ – силен систем на висок воздушен притисок кој задржува жежок воздух над големи подрачја.
Според метеоролозите, актуелната топлотна купола е исклучително интензивна и предизвикува рекордно високи температури во дел од европските земји.
Експертите предупредуваат дека опасноста не доаѓа само од дневните температури, туку и од високите ноќни вредности кои не му дозволуваат на организмот да се разлади.
Во многу европски држави инфраструктурата и домовите не се приспособени за вакви екстремни горештини, што дополнително го зголемува ризикот од топлотен удар, исцрпеност и смртни случаи.
Метеорологот д-р Ерик Нилсен од Тексашкиот универзитет објаснува дека ваквите системи можат да траат со денови, па дури и повеќе од една седмица, доколку нема временски фронт што ќе ги придвижи.
