Вести Свет

Багеи: „Обврска за обврска“ е водечки принцип во преговорите меѓу Иран и САД

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багeи изјави дека водечкиот принцип во преговорите меѓу Иран и САД е „обврска за обврска“. Тој нагласи дека Техеран будно ќе следи како другата страна ги исполнува своите задачи и ќе ги искористи сите расположливи средства за да го гарантира нивното почитување, пренесе иранската новинска агенција ИРНА.

Багeи ова го објави денеска на платформата „Икс“, откако иранската делегација ја напушти Швајцарија, каде што ден претходно учествуваше во преговори со претставници на САД и на земјите посредници, Пакистан и Катар. Иранската делегација ја предводеше претседателот на Парламентот, Мохамад Багер Галибаф, додека американската беше предводена од потпретседателот Џеј ди Венс.

„Делегацијата на Иран се враќа дома по завршувањето на интензивните преговори за имплементација на одредбите од меморандумот за разбирање за прекин на војната, потпишан на 18 јуни 2026 година“, истакна Багеи.

Тој појасни дека разговорите во Швајцарија, фокусирани на членовите 1, 5, 10 и 11 од меморандумот, започнале во неделата наутро покрај езерото Луцерн и траеле до раните утрински часови во понеделникот.

Според заедничкото соопштение на посредниците Катар и Пакистан, изготвено во консултации со двете преговарачки страни, веќе се воспоставени механизми за следење на почитувањето на меморандумот. Постигнат е и договор разговорите да продолжат на експертско и на техничко ниво за да се олесни ефективната примена на спогодбата за прекин на наметнатата војна.

„Согласно членот 13 од меморандумот за разбирање, преговорите за конечниот договор можат да започнат дури откако ќе отпочне и ќе се спроведе имплементацијата на членовите 1, 4, 5, 10 и 11“, напиша Багеи.

Тој додаде дека постигнатите договори во овој круг, особено за членот 1 кој се однесува на прекинот на војната и на израелските воени операции во Либан преку механизам за управување со конфликтот во кој е вклучена и либанската влада, како и членот 10 за извоз на иранска нафта и членот 11 за одмрзнување на иранските средства, ќе помогнат во исполнувањето на взаемните обврски.

Притоа, иранскиот портпарол децидно повтори дека принципот „обврска за обврска“ останува клучен за Иран, кој будно ќе внимава на чекорите на спротивната страна.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Прогласена вонредна состојба во Мостар – голем пожар на депонија гори цел ден

Sasko Dimovski

Почина Циги, маскотата на ЈП „Лајка“

Sasko Dimovski

Гори меѓу Грчец и Шишево и во радовишко – осум изгаснати пожари

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе