Вести Македонија

Коцевски чека докази од скопскиот градоначалник за да отвори предмет за можни злоупотреби во јавните градски претпријатија

Јавното Обвинителство нема да отвори предмет по допрен глас за злоупотребите во јавните градски претпријатија што деновиве ги објавува градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Бараат, доколку има докази, да ги достави до нив или до МВР.

„Тој како градоначалник е надлежен и доколку има докази, може да ги пријави до надлежните органи, а тоа е Министерството за внатрешни работи и можеби до Јавното обвинителство. Обвинителството досега постапуваше на овој начин, што значи дека ќе продолжи да постапува на овој начин и доколку навистина има злоупотреби, немаме проблем, ви стоиме на располагање“, рече Љупчо Коцевски, Републички јавен обвинител.

Ѓорѓиевски, кој претходните денови објавуваше злоупотреби во јавното претпријатие, „Комунална хигиена“, вчера објави дека се отпуштени 500 вработени од скопските претпријатија затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.

„Петстотини лица до денеска се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години. Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша на Фејсбук, Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.

На нашето барање за повеќе детали околу тоа, каде и кога биле вработени тие лица, колкава плата земале, каков им бил работниот статус и на кој начин се избркани од работа, од Кабинетот на градоначалникот одговорија дека злоупотребата е откриена преку системот за евиденција. Се работи за лица кои најмалку три последователни работни дена или вкупно пет дена во текот на годината неоправдано не се појавиле на своите работни места. Согласно законот и внатрешните акти, секој вработен има обврска да се евидентира при доаѓање и заминување од работа.

„Дел од вработените не ги почитувале овие обврски, со што направиле тешка повреда на работниот ред и дисциплина. Најголем дел се од ЈП „Паркови и зеленило„ и ЈП „Комунална хигиена„, но неправилности се утврдени и во други јавни претпријатија. Сите постапки се спроведени законски, при што се почитувани правата на вработените, како и принципите на отчетност и дисциплина во јавната служба. За злоупотребите ќе бидат преземени мерки и постапки, во согласност со надлежните институции и важечката законска рамка“, велат од Кабинетот на градоначалникот на Град Скопје.

Ѓорѓиевски деновиве објави и дека, јавните претпријатија во главниот град должат повеќе од 300 милиони евра. На ова реагираше поранешната градоначалничка, Данела Арсовска.

„Ајде градоначалник да ги објавиш сите фирми со долг по институција, со фактури и датуми од кога им се должи за да знае народ дека лажеш. Исто и со име и презиме да ги објавиш сите 500 вработени и кој од кога не одел на работа и таму да се види дека лажеш”, напиша Арсовска на Фејсбук.

Арсовска побара и дебата со Ѓорѓиевски, но од неговиот кабинет одговорија дека дебата треба да се одржи со институциите кои го спроведуваат законот, а во моментов нивен приоритет е враќањето на функционалноста на градот и на јавните претпријатија.

Далиборка Демјанска Цветановска

Дигитална обработка: T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Протсет во Скопје заради намалените часови за лични асистенти и нередовни исплати на месечните надоместоци

Дејан Дејан

Во долниот дом на парламентот во Букурешт без дебата или гласање – помина законот за обединување на Романија и Молдавија

Дејан Дејан

Пратеничка кавга за платите во одбрана – две години не се зголемени, а и буџетот паѓа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе