Вести Македонија

Вицепремиер и министер? Вреди бара столче во плус во Владата

Вреди ја соопшти својата „коалициска математика“. Бараат 1+1 место во владиниот состав. Откако првиот вицепремиер и министер за животна средина од нивните редови, Изет Меџити, стана нов градоначалник на Општина Чаир, тие сега од владиниот партнер бараат и министерското место да остане кај нив. Околу вицепремиерското место во Вреди немаат никакви дилеми – Беким Сали е нивниот предлог.

За најавената реконструкција на Владата, премиерот Мицкоски минатата недела рече дека како партија се фокусирани на конгресот што треба да се одржи на почетокот на декември, но паралелно со тоа ќе размислува и за кадровски поместувања во Владата.

„Како што знаете, господинот Изет Меџити држеше две функции во Владата – министер за животна средина и заменик премиер. Ние сметаме дека треба да предложиме едно плус едно име, министер за животна средина и заменик премиер. Оваа недела верувам дека ќе седнеме со премиерот како мандатар, најдоцна до утре. И ќе најдеме заедничко решение“, вели Арбен Фетаи, вицепремиер и задолжен за политики за добро владеење. 

Изјавата за медиумите, вицепремиерот Фетаи ја даваше на албански јазик и со преведувач, а потоа се соочи со прашањето – како напредува со изучувањето на македонскиот јазик.

Ова следува по вчерашните критики од Вреди кон министерката Јаневска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Министерката за образование вчера присуствуваше на настан заедно со тетовскиот градоначалник Биљал Касами и од него бараше да говори на македонски јазик за да може да го разбере.

Од Вреди, пак, се јавија со реакција дека непознавањето на албанскиот јазик не треба да води до фрустрација.

„Таа кажа дека тоа беше моментална реакција и се извини за истиот настан. Јас можам да кажам дека 35 години живеев надвор и затоа не го знам македонскиот јазик, не сум го учел во училиште. Но, немам никаков проблем кога ќе научам македонскиот јазик да се обратам на тој јазик. Јас течно говорам четири до пет јазици“, додава вицепремиерот Фетаи. 

Вицепремиерот за добро владеење денеска учествуваше на Конференцијата за координација на безбедноста во Западен Балкан, а потоа се осврна и на состојбата во Македонија. Истакна дека главните предизвици, кои се дел и од извештајот на Европската комисија, се поврзани со судството кое низ годините не ги решава случаите поврзани со криминал и корупција на високо ниво.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Протсет во Скопје заради намалените часови за лични асистенти и нередовни исплати на месечните надоместоци

Дејан Дејан

Во долниот дом на парламентот во Букурешт без дебата или гласање – помина законот за обединување на Романија и Молдавија

Дејан Дејан

Пратеничка кавга за платите во одбрана – две години не се зголемени, а и буџетот паѓа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе