Плачот на шестмесечно бебе заврши со насилство. Наместо да му пружи нега, неговата 23- годишна мајка почнала да го удира. Прво со раце, а потоа со тупаници по лицето, устата и носот. Детето започнало да крвави, а повредите биле толку очигледни што сопственикот на куќата каде што престојувала жената, заедно со пријателката, веднаш забележале и го однеле на лекар. Во болницата лекарите констатираат дека на телото на бебето имало свежи модринки, но и стари кои укажувале дека ова насилство не било првпат. Освен тоа било утврдено дека детето воопшто не било однесено на лекар ниту примило вакцини. Според истрагата мајката намерно го избегнала тоа за да ги скрие трагите од насилство. Откако случајот бил пријавен Обвинителството донело наредба за истрага за запуштање и малтретирање на бебе. Мајката на бебето е осомничена за кривично дело „Запуштање и малтретирање на дете“.
„На 9 ноември во вечерните часови, таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот 6-месечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира, нанесувајќи му повреди со крвавење. На Клиничкиот центар на детето му констатирале повеќе нови повреди – хематоми, но и постари повреди“, стои во соопштението на Обвинителство.
За осомничената мајка Обвинителството бара притвор. Детето е згрижено преку Центарот за социјални работи, а неговиот друг родител не е познат на службите. Пред неколку месеци 28-годишен скопјанец ја удираше неговата 4-годишна ќерка. Видео од тепањето сподели неговата сопруга на социјалните мрежи. Според податоците на МВР изминатата година повеќе од 400 деца биле жртви на семејно насилство.
Тамара Марковска
