Во декември како и претходните два месеци Бугарската компанија Грејстон ќе испорачува гас за ЕСМ за производство на топлинска енергија од топланите Исток и Запад за загревање на скопјани. Од ЕСМ тврдат дека во количините нема руски, туку гас од Азербејџан и од САД,
– ЕСМ Продажба донесе одлука за набавка на гас за месец декември 2023г за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за други стопански субјекти кои се снабдуваат преку ЕСМ Продажба. Цена по која ЕСМ Продажба како ностител на лиценца за трговија со природен гас го набави за декември е 56е/MWh фиксна за варијабилна количина согласно потребите, а избрана е фирмата Graystone Bulgarija LTD-Република Бугарија која понуди најниска фиксна цена. Гасот кој ќе се набави од Graystone Bulgarija LTD-Република Бугарија е мешавина од Azeri gas, American LNG и други, но не и Russian natural gas, се вели во дописот од ЕСМ.
Сертификат за потекло на природен гас, со кој се гарантира дека не е од Русија. Ако пак понудувачот располага со гас од Руската федерација самиот да си ја плати таксата која ја воведе Софија минатиот месец, а изнесува 10 евра за мегават час руски гас кој пак минува низ територијата на Бугарија.
Исто така, понудувачот да гарантира дека се платени сите дополнителни трошоци како заштита ЕСМ да не се доведе во ситуација да треба да ја плаќа оваа такса.
Со овие новитети беше дополнет огласот за прибирање на понуди за набавка на гас за декември. Во содржината може да се види дека освен досегашните технички услови во претходните повици за набавка на гас за грејната сезона, стојат и овие точки.
Во претходните се бараше само ”земја на потекло на енергенсот”.
Во меѓувреме се уште нема одговор од меѓународните институции од кои надлежните во земјава побараа решение за бугарската такса. Она што се знае е дека до крајот на годинава, Газпром нема да ја пресметува во крајната цена. И покрај ваквата давачка оние кои го користат во земјава се уште имаат договори по иста цена. А какви ќе бидат пресметките од следната година не се знае.
Од компанијата која врши пренос на гас во земјава, НОМАГАС, за Телма изјавија дека реагирале и до Европската комисија и до Енергетската заедница, но досега нема ништо во однос на потегот на Софија.
Поради тоа што Бугарија воведе такса за рускиот гас кој поминува низ нивна територија, надлежните во земјава побараа од Софија да го зголеми капацитетот на единствената цевка преку која гасот се внесува во земјава, за да може да се обезбедат поголеми количини од други места. Инаку, постоечкиот гасовод е под закуп на Газпром до 2030 година.
Ирена Чачкова