Освен градоначалникот на Кочани и еден актуелен директор, Селами од Дирекцијата за заштита и спасување, нема ниту друг актуелен функционер или полициски началник кој е опфатен и осомничен со истрагата за постапување во периодот кога се случи трагичниот пожар во кабарето Пулс во Кочани.
Досега се осомничени 59-мина, меѓу кои има и поранешни министри од ДУИ и поранешни директори. Од ДУИ за истрагата велат дека е правна импровизација и селективен процес. Од СДСМ пак посочуваат дека актуелниот естаблишмент во полицијата и МВР треба да одговара, бидејќи трагичниот епилог на пожарот се случил во присуство на полицајци.
ВМРО-ДПМНЕ пак тврди дека нема селективност во истрагата бидејќи меѓу уапсените има и активен министер кој е во притвор. За истрагата има законски рок на траење, и таа треба да заврши до 16-ти јуни. Министерот Тошковски за кого е поднесено и барање за интерпелација вели дека целта е истрагата да заврши што побргу.