Вести Македонија

Велигденската порака на скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх Стојанов

Додека сите христијани се подготвувавме за прославата на големиот христијански празник – Велигден во оваа Света јубилејна година, кој се слави во ист ден и на Исток и на Запад, папата Фрањо повикува, сите ние како Христови ученици, да го сфатиме ова како можност за да направиме решителен чекор кон единство во врска со заедничкиот датум за Велигден. Тој истакна дека Велигден не се случува по наша иницијатива, ниту според овој или оној календар, туку затоа што Бог „толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“. Бог е тој што има првенство, бидејќи Тој го направи првиот чекор, и затоа не треба да се затвораме во нашите планови, нашите проекти, нашите календари, во „нашиот“ и „ваш“ Велигден. Велигден му припаѓа на Христос! „Католичката црква е подготвена да прифати датум за кој сите се согласуваат.

Папата напомена дека оваа Јубилејна година се совпаѓа со 1700-годишнината од Соборот во Никеја (325), чиј симбол на верата „ги надминува сите поделби што го делеле Телото Христово низ вековите… да ги откриеме повторно заедничките корени на верата, да го зачуваме единството“, бидејќи оваа годишнина не е само историски спомен на Никејскиот собор, туку и обврска за денешните христијани.

Во оваа Јубилејна година до сите нека допре велигденскиот повик „Господ воскресна, надеж наша!“ Секој христијанин нека го доживее искуството на Марија Магдалена, која побрза да им ја соопшти радосната вест на учениците: „Го видов Господа“ (Иван 20,18). Тоа е средба што го менува животот: средба со единствениот Човек, кој ни дозволува да ја искусиме сета Божја добрина и вистина, кој нè ослободува од злото, но не на површен начин, моментално, туку нè избавува од него на радикален начин, нè лекува целосно и ни го враќа достоинството. Затоа Воскреснатиот беше за Марија Магдалена „нејзина надеж“, бидејќи преку него се роди за нов живот, тој и подари нова иднина, добар живот, ослободена од злото.

Воскреснатиот Христос не припаѓа на минатото, тој е жив, присутен денес како сила на надеж за својата Црква и утеха за христијанските заедници кои се најмногу искушувани од дискриминација и прогонство поради својата вера. Тој, наша надеж, нека ни подари мир и надеж на сите, особено во регионите на оваа наша планета кои се најпогодени од страдања, во земјите каде што луѓето се изложени на големи искушенија на војна, уништување, немири и пустошења.

Во нашата средба со Него, да го слушаме и да се обратиме, а потоа со нашиот живот да посведочиме: „Го видов Господа!“

На сите Ви посакувам честит празник Воскресение Христово – Христос воскресе!

Ваш бискуп/епископ

 

Киро Стојанов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Путин прогласи велигденско примирје и повика Украина да го следи истиот пример

Дејан Дејан

Македонската дипломатија полека се празни од амбасадори

Дејан Дејан

Велигденското послание на Архиепископот г.г. Стефан во знак на трагедијата во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе