Во американските воздушни напади врз нафтеното пристаниште Рас Иса што е под контрола на јеменските бунтовници Хути загинаа 38 лица, а 102 други се повредени, соопштија бунтовниците рано утринава.
Денешните напади, потврдени од Централната команда на американската војска, се едни од најсмртоносните досега во кампањата започната под претседателот Доналд Трамп.
Хутите поддржани од Иран потоа лансираа проектил кон Израел кој беше пресретнат, соопшти израелската војска, активирајќи сирени во Тел Авив и други области.
Војната во Јемен меѓувреме дополнително се интернационализираше бидејќи САД тврдеа дека кинеска сателитска компанија „директно ги поддржувала“ нападите на Хутите, нешто што Пекинг не го признава.
Во соопштението на Централната американска команда се вели дека „американските сили презеле акција за да го елиминираат овој извор на гориво за терористичката група поддржана од Иран и со тоа да ги лишат од нелегални приходи со кои ги финансираат напорите да го тероризираат целиот регион повеќе од 10 години“.