Лидерот на интегративците, Али Ахмети потврди дека имал телефонски разговор со Арбен Таравари. Според него, Алијанса не се повлекува од Вреди поради разидувања со колициските партнери за настапот на локалните избори, туку затоа што сфатил дека Албанците се понижени во Владата.
Според Таравари, причината поради која АА не постигна договор со другите челници на Вреди е тоа што тој сакал да оди на локални избори со посебна листа на советници, на што другите не се согласиле. Сепак, Ахмети вели дека има друга причина. Ахмети ги повика лидерите на коалицијата Вреди да ги напуштат институциите и да не бидат, како што рече, слуга.
„Со ангажманот на политичките партии на Вреди во извршната власт, тие направија девалвација и ги понижија Албанците во Македонија. Континуирано ги повикувавме да ги напуштат институциите за да не станат дел од понижувањето. За да не бидат дел од девалвацијата на Албанците. Таравари всушност сфатил дека позициите на Албанците во власта се понижувачки и дека тие се само слуга и тоа што ќе им каже агата тоа го прават“, вели Ахмети.