Одложена е седницата на Советот на јавни обвинители на која требаше да биде разгледан предлогот од владата за разрешување на државниот Јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Седницата, како што информира претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, е одложена поради немање на кворум – отсуство на тројца членови.
Предлогот за разрешување на Коцевски е втора точка на дневниот ред на 22 седница, која првично беше закажана за 18 март, но Советот ја одложи поради прогласената 7-дневна жалост по трагедијата во Кочани. Роковите за разгледување на предлогот за разрешување на Коцевски сè уште течат и Советот ќе треба да го разгледа предлогот најдоцна следната недела.
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера изјави дека постапката за разрешување на јавниот обвинител Коцевски ќе се запре во моментот до таму каде што се наоѓа.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Коцевски кој беше избран на позицијата пред една година, а неговиот мандат трае шест години. Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата, го изготви Предлог-мислењето за разрешување на државниот јавен обвинител.
Коцевски, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека постапил незаконски, посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.