Истрага против 41-годишен скопјанец за пожарот во Адвокатската комора отвори обвинителството. Осомничениот е во бегство, а причинетата штета од пожарот се проценува на околу 150.000 евра. Тој се товари за тешки дела против општата сигурност. Сликата на лице место по пожарот беше искршено стакло и непријатен мирис, а на таблата покрај влезот беше испишано „гасна комора“ и „вмро“.
„На 25 ноември, осомничениот со умисла подметнал пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ на ул. „Методија Шаторов – Шарло”, предизвикувајќи на тој начин значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери“, соопшти ОЈО.
Една недела претходно осомничениот набавил секира со гумирана рачка, плинска запалка, заштитни ракавици и 48 коцки за потпалување со керозин. На критичното утро, според обвинителството, со сопственото возило дошол во близина на зградата каде се сместени просториите на Адвокатската комора, маскиран со „фантомка” и со секирата ја скршил влезната врата. Коцките керозин ги наредил на скалите, а врз нив ставил повеќе плински боци и со употреба на плинската запалка ги потпалил. Со тоа предизвикал пожар од поголем обем во станбената зграда.
По 30-тина минути, осомничениот, со сопственото возило, преку граничниот премин „Блаце” ја напуштил државата. Обвинителството побарала притвор за осомничениот поради фактот што тој се крие и недостапен е за органите на прогонот, можноста да го повтори делото или да ја попречи постапката со влијание на сведоците. Мерката ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Од МВР за Телма потврдија дека е распишана потерница за пронаоѓање на осомничениот.
Од Адвокатската комора претходно го осудија насилниот напад и ги повикаа институциите да дејствуваат брзо и ефективно за да ги идентификуваат и приведат одговорните.
Марија Митевска