Економија Топ вести

Со растот на цените на храната ќе се справуваме откако ќе се реши политичката криза

Политичката криза во земјава ги остави на цедило граѓаните. Прво се чекаше да завршат изборите, а сега да се консолидира владата. Граѓаните и месецов ќе почекаат за мерки за ублажување на ценовните шокови. Иако цените по рафтовите во маркетите секојдневно растат, некои рушат рекорди, сепак сега ќе се чека да заврши кризата па дури потоа ќе се носат мерки.

Уште пред изборите се најавуваше дека не се исклучува можноста од замрзнување на цените на основните прехрамбени продукти и вклучување на стоковите резерви. Од владата велат ќе има мерки откако ќе се консолидираат, но не откриваат какви.

А од Министерството за економија ни одговорија дека ја следат состојбата како ќе се движат цените во ноември. Ако се забрза растот ќе проценат што ќе преземат.

Според официјалните податоци на Државниот завод за статстика за месец октомври 2021, раст на цените на мало е забележан кај маслото од 2,3%, лебот и житата 1,8%, месото 1,7%, млекото 0,7%, сирењето и урдата 0,5% и други прехранбени производи 1,2%. За месец ноември ја следиме состојбата со растот на цените, за што доколку  значително се забрза растот на цените Министерството за економија ќе процени за превземање на следни чекори, соопштуваат од економија.

Во октомври пак за двеста денари се зголемени минималните трошоци на едно четиричлено семејство во однос на претходниот месец – пресмета Сојузот на синдикати. Синдикалната минимална кошничка во октомври изнесувала 34.584 денари. Бараат итно зголемување на платите. Велат оправдано е барањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и линеарно зголемување на останатите плати.

Регионот и Европа уште пред неколку месеци донесоа мерки за помош на граѓаните во справувањето со ценовните шокови. Се замрзнуваа цени на храната, а имаше и помош за ранливите категории на граѓани. Финанансиските пакети тежеа по стотици милиони евра. Народната банка ја корегираше нагоре прогнозата за инфлација за годинава – очекува таа да биде 3,1 процент, а ЕК прогнозира 3,3 проценти.

Инфлацијата пак во еврозоната се искачи на највисоко ниво во последните 13 години. Германија забележува највисока стапка на инфлација од 1993 наваму. Додека пак во САД во изминатите 12 месеци се искачи на 31-годишен максимум.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Цената на струјата ќе се намали, ако стигне понуда за поевтин мегават од сегашните 58 евра на ЕСМ

Дејан Дејан

Кацарска по неколкуте напади: Не се чувствувам безбедно- Обвинителството го истражува последниот напад, а осомничениот имал и „ФБ листа за одговорност“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе