Македонија Топ вести

Декларација на организациите на Македонците во Бугарија: Софија да ја запре политиката на негирање

Загриженост за ситуацијата во која се наоѓа македонското малцинство во Бугарија со  барање земјава да почне да се грижи за нив, побараа со Декларација организациите на Македонците во Бугарија, повикувајќи ги притоа и Софија и Скопје да ги внесат и македонското и бугарското мацинство во своите Устави. Одговорот од македонската влада е дека не се меша во внатрешни работи на други држави.

Бугарија да ја запре политиката на негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство, а македонската влада да запре да прави непринципиелни компромиси и да ги задоволува антимакедонските апетити на националистичките кругови во Софија. Ова се дел од барањата од Декларацијата на шест организации и здруженија на Македонци во Бугарија кои пак од двете држави побараа македонското малцинство во Бугарија и бугарското во Македонија да влезат во уставите на двете земји.

„Заедно, двете малцинства од двете страни на границата, да ги повикаме Бугарија и Македонија да ги почитуваат правата на двете малцинствата согласно меѓународно гарантираните стандарди, со взаемно почитување и реципроцитет“, се наведува во Деклрацијата.

Организациите на Македонците во Бугарија барат Софија да го смени Уставот така, што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да не може „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Од Бугарија бараат и да ја деблокира Македонија во ЕУ и ги повлече барањата кон неа кои не се во согласнот со копенхашките критериуми.

Од Македонија пак бараат да започне да се грижи за македонското малцинство надвор од Македонија.

„Ја осудуваме пасивноста на македонските влади во последните три децении, кои наспроти својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства надвор од Македонија, никогаш го немаат поставено пред Бугарија прашањето за негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство“, се наведува во Декларацијата на организациите на Македонците во Бугарија.

Одговор од македонската влада стигна лично од премиерот Зоран Заев.

„Значи останува да го правиме тоа што го прават другите земји секогаш кога се јавуваат граѓани во други земји, а тоа е апелирање за почитување на меѓународните договори за сите и секогаш правта пред Европскиот суд за човекои права во Стразбур. Не е Европски, ни добрососедски , ни пријателски ние да се инвловираме во тоа што се случува во Бугарија“, изјави Заев.

Заев притоа се повика на Уставот, но и на Договорот со Бугарија со кои земјава се обврзала за немешање во внатрешните работи на друга земја, во случајот, Бугарија.

Премиерот истовремено не гледа ништо проблематично во барањето на Бугарија бугарското малцинство во земјава да влезе во македонскиот Устав. Според него тоа не е мешање во внатрешните работи на земјава.

„Право на секоја земја е да побара, наше право е ние тоа дали ќе го дозволиме, овозможиме или не. Затоа постојат институциите. Апсолутно, Бугарија не се наметна во нашиот парламент па издејствува дво-третинско мнозинство за промена на Уставот, за да се меша“, смета Заев.

Освен до Софија и Скопје, Македонците во Бугарија упатија барање и до Брисел, да не не дозволи правото на вето да бидат злоупотребени за наметнување на националистички политики врз земјите-кандидати, но и да стави крај на политиките на негирање и асимилација на Македонците во Бугарија.

Стојков за Телма: Македонците да влезат во бугарскиот Устав

Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн на ова го повтори ставот на ЕУ дека на билатералните прашања не им е место во пристапиот процес и оти треба да бидат решавани надвор од него.

„Тоа е главниот аргумент и тоа треба да се следи и во поглед на малцинските заедници. Малцинствата кои живеат во таа земја го имаат државјанството на таа земја и мене прашањето ми е малку тешко да го разберам, искрено“, рече Холштајн.

Во Декларацијата на организациите на Македонците во Бугарија се осудува и говорот на омраз кон Македонците во бугарските медиуми, но и начинот на кој бил спроведен пописот таму на кој Македонците не можеле да ја декларираат својата народност.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски задоволен од склучениот договор за минерали со САД

Дејан Дејан

Meџити со честитка за Први Мај: Работниците се непоколеблива сила на нашиот напредок

Дејан Дејан

Родена во иста година како Кочо Рацин – на 116 години почина најстарата жителка на планетата Земја

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе