Сте слушнале ли за Чат џи пи ти? Тоа е виртуелен соговорник кој што„ живее“ во вашите компјутери или паметни телeфони. Пишува текстови, преведува, пресметува, анализира… Го прашав популарниот Чат џи пи ти, едноставно да објасни што е вештачка интелигенција.
„Претставете си свет во кој компјутерите не само што извршуваат задачи, туку и размислуваат, учат, па дури и создаваат нови идеи. Токму тоа е вештачката интелигенција која е дел од нашето секојдневие и го менува начинот на кој живееме, работиме и комуницираме“, одговори Чат џи пи ти.
Но, како функционира виртуелниот ум? Одговор побарав и од ИТ експертите.
– Може да разговара со човекот, да разговара меѓу себе, да игра шах и е многу успешна во тоа. Нешта кои за човекот се тешки, вештачката интелигенција може многу лесно да ги направи. Но, се уште за неа предизвик се интуицијата, изразување на чувства, изразување на љубов, затоа што алгоритмите на вештачката интелигенција сепак се креирани од човек, вели проф. д-р Константина Велјановска, професор на ФИКТ УКЛО
Технологијата се развива со неверојатна брзина, може да биде од голема помош во различни секторти, на пример да ги подобри здравствените услуги, производствените процеси, образованието. Но, исклучително е важно кој и како ја користи вештачката интелигенција.
-Комбинацијата на добро образовани индивидуи и ЛЛМ модели (напредни алгоритми за вештачка интелигенција) е прилично моќна алатка и од етичка гледна точка, затоа што природно и добро е да имаме тутор кој секогаш ќе ни биде достапен, вели м-р Марјан Стерјев, ИТ инженер
Постојат и ризици, затоа што ВИ се почесто се злоупотребува, но, исто така голем процент од информациите кои што ви ги нуди не се виситинити, може да уредува или целосно создава фотографии, видеа, лажни вести..
–Може да ни направи заблуда, да веруваме дека тоа што ни се генерира дека е сосема точно, а не е така. Треба да внимаваме во длабоките лаги или невистини кои се генерирани со генеративна вештачка интелигенција, вели проф. д-р Благој Ристевски, ФИКТ УКЛО Битола
Вештачката интелигенција веќе влијае на животот на луѓето, но и на целото општество, а нејзината злоупотреба може да предизвика штети од несогледливи размери. Токму затоа се отвора прашањето за етичко однесување при нејзина употреба затоа што засега нема законска регулатива која ги покрива сите аспекти и остава простор за неодговорно користење
ЕМИЛИЈА МИСИРЛИЕВСКИ