Возел 88 km/h на место во Скопје каде максималната дозволена казна е 50 km/h, но по телефонско јавување од полициски началник, казната била пишана на друго име, бидејќи возачот бил брат на градоначалникот на Газибаба, обвини денеска СДСМ на прес конференција.
На конференцијата беше објавено дека прекршокот се случил минатата недела, на Велигден на булеварот Александар Македонски во Автокоманда. Беше објавено и видео од радарот на кое стои времето на сторување- 18:31.
-Свиркачи од МВР ни доставија видео-снимка од радарот, на која јасно се гледа колку вози Стефковски среде Скопје. Полицајците го стопирале за да го казнат за пребрзо возење, но тогаш Д. С. (братот на градоначалникот Стефковски) телефонски контактира со некој во МВР. За само една минута, началник од МВР, кој според нашите информации тогаш дури и не бил во земјата, се јавува на полицајците и им дава наредба: братот на градоначалникот да не биде казнет и да биде ослободен, тврди портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според СДСМ, бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, полицајците по наредба казната ја пишуваат на друго лице односно таа „е издадена на лице со иницијали С.Ј., под налог број 07929“.
Од СДСМ го обвинуваат ресорниот министер Панче Тошковски за непостапување и селективност иако сообраќајните прекршоци и несреќи се се почести, а тој вети дека законот ќе биде применуван за сите.
-Полна му беше устата на Тошковски со празни ветувања дека „секој ќе одговара“. Денес, гледаме дека тоа биле само лаги. „Брат да ми е, ќе одговара“ е најголемата лага на Тошковски. Законот за нив не важи, обвини Кузеска од СДСМ.
МВР по празничниот викенд објави дека во период од 18.-21.04.2025. биле напишани вкупно 1018 казни заради возење со брзина поголема од дозволената (од вкупно 2252 казни изречени за време на велгденскиот викенд).