Семејствата на настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, утре ќе организираат протест во Скопје под мотото ,,Марш за ангелите“. Почетокот на протестот е најавен за 12:05 часот, како симболика за задоцнета реакција.
Според најавата, маршот ќе започне пред обвинителството во Скопје, ќе продолжи на градскиот плоштад во Скопје, по што присутните ќе се упатат кон собранието на Македонија. Организаторите на протестот велат дека по барањето до надлежните во саботата да ги посетат и да ги информираат за текот на истрагата, сега тие ќе дојдат во Скопје да ги прашаат.
„Ние заслужуваме одговори. Ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Па, свесни ли се дека и онака е целосно разнишана довербата во досегашното институционално работење со фати, па пушти, без да имаме јасно образложение за таа законска процедура што се создава во нашите мисли кои и онака се на работ на себеуништување“, се вели во писменото соопштение на семејствата.