Довчерашните коалициони партнери имаат уште десетина дена да си ги смират страстите, по што ќе следи средба во владата. По 1 мај, премиерот ќе иницира разговор со владините партнери, Арбен Таравари, кој сè погласно најавува можност да замине во опозиција и претседателите од коалицијата „Вреди“ кои тоа го побараа од него.
„Во моментов имаме редовна комуникација додека, пак, на оваа тема се очекува да има средба по 1 мај“, велат до владата.
Откако Таравари беше исклучен од коалицијата, „Вреди“ неделава ја почнува трансформацијата во партија. На завчерашната средба во Струга е одлучено да формираат заедничко Централно претседателство од 23 члена што ќе изготви Статут, според кој ќе се избираат претседател и партиски тела. Главните одлуки на крај ќе се донесат на Конгрес.
„Во текот на неделава сите партии треба да предложат членови во 23-членото претседателство кое понатаму ќе треба да изготви Статут и да ги подготви сите потези. На крај ќе се одржи Конгрес, по што партијата ќе се запише и во Централен регистар“, изјави Билал Касами од „Вреди“.
Сè уште не се открива кој ќе биде претседател на партијата. Не се исклучува можноста да биде и сосема нова личност, иако се во игра и тројцата претседатели на партиите од коалицијата. Тие деновиве побараа од Таравари да ја напушти и владата по јавното признание дека се договара со Али Ахмети. Неговите некогашни сопартијци, пак, не го сакаат назад иако посакуваат обединета Алијанса за Албанците.
„Обединета Алијанса за Албанците да, но Арбен Таравари мора да понесе одговорност за тоа што им го направи на Албанците со своите постапки. Во најмала рака да се извини и да се пензионира“, напиша Зијадин Села на Фејсбук.
Таравари на сето ова одговара дипломатски дека има само еден ориентациски компас, а тоа е народот.
Останатите коалициони партнери во владата не сакаат да ги коментираат случувањата и ја чекаат средбата со премиерот, после која работите ќе бидат појасни.
Далиборка Демјанска Цветановска