Телефонскиот број 194 често ѕвони.
Итни интервенции или совети, граѓаните бараат помош.
А лекарите се обидуваат да им помогнат, но и на време да стигнат.
„Во просек 80 до 90 интервенции на ден, а повици двојно или трипати повеќе. Со тие екипи што ги имаме на располагање се обидуваме да помогнеме секаде каде што е најпотребно. Во меѓувреме ја користам приликата да апелирам до граѓаните да си ја користат службата за итна медицинска помош рационално само кога е најпотребно“, вели Д-р Рихад Реџепи од Брза Помош Скопје.
Во главниот град на располагање се само шест екипи, а поради недостигот на кадар во пресрет излегува и диспечерскиот тим, вели Реџепи.
„Моментално фунцкионираме со 6 екипи на денска смена, пет екипи на ноќна смена, меѓутоа тие екипи се формирани со дополнителни смени на колегите што се веќе вработени. Освен редовните смени што ги имаат принудени се да имаат уште најмалку 3 до 4 смени, дури и од диспечерскиот тим имаме луѓе што излегуваат на терен“, вели Д-р Рихад Реџепи од Брза Помош Скопје.
Ранко Ристески 38 години работи како возач на итната медицинска помош. Тој пред камерата на Телма раскажува за неговото искуство на терен.
„Постојано сте на терен, каква е сообраќајната култура? -Во последно време можам да кажам дека напредуваме во сообраќајната култура, има нели исклучоци но овој период има посовесни возачи коишто гледаат колку што можат да ни направат место да поминеме и тоа за секоја пофалба. Граѓаните постојано ве гледаат со ротациони светла но како поспоро возите. Која е причината? – Да тоа е во договор со лекарската екипа. Лекарот кажува, не мора да значи дека ако сме ние под рото и сирени дека треба многу брзо да возиме. Состојбата на пациентот е така што не треба да брзаме во болница заради неговата здравствена состојба. Тимот се договара“, вели Ранко Ристески возач на итната медицинска помош
Со шест екипи не се покрива цел регион, но се трудиме да постигнеме. Поднесовме барања за нови вработувања за да го ублажиме недостигот, вели директорот на Здравствен дом Скопје под чија надлежност е Итната медицинска помош.
„Сме пуштиле конкретно 30 барања, за 30 нови екипи. Екипа подразбира лекар, медицинска сестра и возач. Тука се 90 вработувања. Ова е само за итната медицинска помош и верувам дека со 30 нови екипи ќе се покрие недостигот и ќе може да кажеме дека со тие екипи и со овие што ги имаме сега ќе може слободно да кажеме дека ќе немаме повеќе проблеми со тоа што не може да се стигне на време итн што граѓаните имаат право што се жалат“, вели Самир Исени директор на Здравствен дом Скопје.
Исени побара од граѓаните да имаат повеќе разбирање.
„Еве на пример сообраќајки имаме секој ден и кога ќе се случи една сообраќајка треба две екипи да одат, и ако одат таму две екипи остануваме со три четири други. И со тие не можеме да постигнеме“, вели Самир Исени директор на Здравствен дом Скопје
Да се спаси живот некогаш се мери во секунди, а за брзата помош секоја секунда е важна. За тоа колку се пожртвувани вработените да помогнат и да спасат човечки живот говори и последниот случај кога се запали дискотеката Пулс во Кочани. Медицинарите од сите градови, без пауза со часови ги транспортираа повредените. Стотиците извозени километри на релација Кочани-Скопје беа спас за младите, а одлика за Иле Гоцевски, возач на итната медицинска помош кој почина ден по несреќата.
Симона Петровска