Вести Македонија Топ вести

Сиљановска Давкова: Сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата, од несреќа и неволја да излеземе помудри, подобри и похумани

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, којшто годинава во исти ден го слават сите граѓани од христијанска вероисповед во светот, упати честитка до поглаварите на Црквите во земјава: Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква д-р Киро Стојанов, како и до д-р Емил Заев, претседател на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква.

„Христовото воскресение, како стожер на верата, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовностa и да даруваме љубов секому и секаде. За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата. Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка“, се вели во честитката на претседателката Силјановска Давкова до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

„Како стожер на христијанството, Велигден ги осмислува животите на верниците, зацврстувајќи ја нивната духовност, вдахнувајќи им верба и надеж. Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност и за заедништво, како кај нас, така и во целиот свет. Верувам дека со посветеност и одговорност ќе ги пребродиме тешкотиите и ќе придонесеме за просперитетот на државата и благосостојбата на нашите граѓани“, се наведува во честитката на претседателката Силјановска Давкова до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква, д-р Киро Стојанов.

„Велигден е извонредна можност да им се посветиме на нашите најмили и најблиски со љубов, ведрина и оптимизам. Да чиниме добрини и да бидеме хумани и благородни. Верувам дека вдахновени од големиот празник ќе најдеме енергија и сила, сплотени да се соочиме со сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво. Да си бидеме поткрепа едни на други, да се храбриме и да шириме позитивни мисли и емоции“, пишува во честитката на претседателката Силјановска Давкова до д-р Емил Заев, претседател на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Африм Гаши останува дел од ВРЕДИ, парламентарниот спикер се оглас по шпекулациите дека и тој ја напушта коалицијата

Дејан Дејан

Тешко повреден 14-годишен мотоциклист во Велес

Дејан Дејан

Воз удри во автомобил кај Зелениково – МВР соопшти дека нема повредени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе