Работа за младите има, но тешко доаѓаат до квалитетни информации за расположливите работни места. Потребно е поврзување на младата квалификувана сила и работодавачите за да се најде соодветен работник на соодветно работно место. Таков е ставот на граѓанската организација „Новус“ која по вторпат организира Саем за вработување во Струмица. Нивното размислување очигледно го потврдуваат и компаниите бидејќи најголемите компании во овој регион поставија свои штандови и ги запознаваа присутните со можностите за вработување-повеќето нудеа и апликации за вработување.
Може ли да се најде работа во местото на живеење? Солидна-со добри услови и работна средина. Струмичките компании сметаат дека можат да го понудат тоа-но и знаења и дообуки кои се по највисоки стандарди.
Според истражувањата Македонија е една од земјите во Европа со највисока стапка на младинска невработеност. Според податоците на Агенцијата за вработување, во февруари годинава во Агенцијата се пријавени околу 8370 млади невработени лица на возраст од 25-29 години.
Сузана Мицева