Донесување одлука за намалување на цени на меѓуградскиот автобуски превоз за средношколци и студенти на територија на цела држава и зголемување на редовноста на линиите. Бесплатен градски превоз за студенти на прв и втор циклус на студии во останатите универзитетски градови: Битола, Тетово, Штип, Прилеп и Охрид се клучните барања на Универзитетското собрание при УКИМ. Велат дека по пандемијата, цената на нафтата значително се промени, но цените на билетите и понатаму се исти, што е нелогично и неоправдано.
„Денеска, но и скоро деценија наназад, студентите многу полесно и поевтино купуваат авиобилет за во европските земји, отколку автобуски, комби или или билет за железнички превоз низ државата. Поевтино е да летаме до Италија отколку да патуваме до Струмица со повратна карта“, изјави Стефанија Милеска, претседателка на Комисија за студентски стандард на УСС – УКИМ.
Според анализата на Комисијата за студенстки стандард, на Универзитетското собрание при УКИМ студентите од градовите Македонска Каменица, Делчево, Демир Хисар и Крушево воопшто немаат пристап до меѓуградскиот превоз со кој ќе можат да патуваат дома и да се вратат во градот кадешто студираат, без да пронајдат алтернативно решение за превоз.
„Исто така, одредени градови немаат повратни карти, што е жално затоа што поскапи се картите од авионски билети до Венеција, Германија, Виена и слично, така што ќе апелираме и во однос на ова доколку не може да се овозможи соодветен попуст барем да се направи повратен билет“, рече Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание
Во меѓувреме, тие ќе испратат барање до сите превозници кои не овозможуваат повратен билет да го направат тоа, дополнително и студентски попусти. Сепак, додаваат дека ваквата мерка според Националната стратегија за млади 2023 – 2027 е во надлежност на Министерството за транспорт и врски и истата требаше да биде реализирана во мај 2024 година.
Нина Стефанова