Рано утринава гореше возилото во дворот на семејната куќа на директорот на регионалната Телевизија М НЕТ, Благој Серсемов. Возилото е целосно опожарено, Серсемов вели дека ова го смета за директен удар врз сите медиуми, не само кон него лично, а загрозена е безбедноста и на членовите на неговото семејство.
Од Основното јавно обвинителство во Штип информираат дека издадена е наредба и насоки за расчистување на случајот, ќе се прави проверка и дали постојат евентуални снимки од видео надзор на подрачјето каде е опожарено возилото.
– Наредбите се да се извршат соодветни вештачења со кои ќе се утврдат причините за пожарот и идентификација на можен сторител на евентуално кривично дело. По наредбите и насоките постапува Министерството за внатрешни работи и вешто лице од Дирекцијата за заштита и спасување, велат од ОЈО-Штип
По опожарување на возилото на директорот на штипската Телевизија М НЕТ пристигна реакција и од Здружението на новинари на Македонија. Ваквиот чин на вандализам претставува сериозна закана за безбедноста на новинарите и медиумските работници, како и напад врз слободата на говорот и правото на јавноста да биде информирана“, соопшти Здружението. ЗНМ го повикува и МВР веднаш да преземе мерки за целосно и брзо расветлување на случајот, идентификување и санкционирање на сторителите.
– Заканите од ваков тип се неприфатливи во едно демократско општество, кое тежнее кон заштита на медиумските права и безбедноста на сите новинари. Овој напад не е само физички чин на уништување на имот, туку има цел да ги замолчи новинарите и да го заплаши медиумскиот сектор во земјата во целост, се вели во соопштението на ЗНМ.
За случајот со опожарената возило ќе бидат извесетени и сите меѓународни организации.
Викторија Јованова
